По само неколку дена од кога беа насадени, украдени се дел од садниците во новите жардинерии на булеварот „Маршал Тито“ во Струмица. Од Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ информираа дека кражбата е забележана денеска во раните утрински часови од одговорните работници за одржување на јавното зеленило. По увидот констатирано е дека извршена е кражба на вкупно 29 млади садници и тоа 17 туја ауреа и 12 садници фотинија и кражбата е пријавена во Секторот за внатрешни работи во Струмица од каде се бара откривање на сторителите.
Согласно Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување на подрачјето на општина Струмица и нејзнините одредби, во парковите, јавните зелени површини, парк – шумите, водно – рекреативните површини, забрането е корнење, сечење и кастрење на дрвја, грмушки и жива ограда, било какво оштетување на зеленилото ( соголување и засекување на стеблата, газење и седење на тревниците, кинење на цвеќе, откорнување на цветни и тревни посеви и слично).ЈПКД „Комуналец“ во текот на денот започна со обновување на седниците, но истовремено од таму апелираат до граѓаните, да не ги крадат садниците и да не ги уништуваат јавните зелени површини, а со тоа да ги почитуваат вложените средства и труд за разубавување на градот.