Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев оствари работна средба со директорот на проектот на УСАИД за локална самоуправа г-дин Двејн Брд и директорот на проектот за конкурентност на УСАИД, г-дин Нимиш Џавери.
На состанокот присуствуваа и г-ѓа Розалија Василевска, Лидер на тимот за Локален економски развој на УСАИД и г-ѓа Мирјана Македонска, менаџер за поддршка на инвестиции како и претставници од десетина извозно ориентирани компании од Општина Струмица.
На средбата беше разговарано за бизнис климата во Општина Струмица, бариерите за проширување на бизнисот, отвореноста кон странски директни инвестиции како и потребите и проблемите со кои се соочуваат компаниите од Струмица при своете работење.
Градоначалникот Заев, ги информираше претставниците на УСАИД за активностите кои ги превзема Општина Струмица на полето на подобрување на бизнис климата, зголемување на вработеноста како и изнаоѓање на странски директни инвестиции. Во таа насока Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев истакна дека главниот проблем е градежното земјиште кое е во сопственост на Владата на Р.Македонија, а притоа Р.Македонија е единствената држава во Европа каде државата администрира со градежното земјиште. Градоначалникот изрази надеж дека после завршувањето на реформите во катастарот Владата ќе го преотстапи земјиштето на општините и истото ќе се стави во фукција на локалниот економски развој.
Во рамките на двата проекти на УСАИД Македонија, ќе бидат превземени повеќе мерки за подобрување на деловната клима во Општина Струмица.