И Општина Струмица активно се вклучува во Кампањата Ден на дрвото-„Засади ја својата иднина“ На 12 март 2008 година сите граѓани на Општина Струмица ќе излезат на утврдените локалитети да засадат дрвце на својата иднина.
И Општина Струмица активно се вклучува во Кампањата Ден на дрвото-„Засади ја својата иднина”
На 12 март 2008 година сите граѓани на Општина Струмица ќе излезат на утврдените локалитети да засадат дрвце на својата иднина. Во рамките на започнатата кампања Ден на дрвото-„Засади ја својата иднина“, Општина Струмица со особена чест и задоволство прифати да биде дел од оваа акција за разеленување и разубавување на нашата Татковина. Во кабинетот на Градоначалникот Зоран Заев, беше примена делегација на Иницијативниот одбор меѓу кои и познатиот Бубо Каров. Општина Струмица изрази целосна подготвеност за организирање и активно вклучување на заедницата во оваа акција за засадување на два милиони садници, од кои шеесетиљади се за Струмичкиот регион. Отпочнувањето на акцијата симболично беше одбележано со засадување на дрвца во дворот на Гимназијата Јане Сандански во Струмица.
Претставници на Иницијативниот одбор проектот-иницијативата, официјално ја промовираа пред струмичката јавност во домот на АРМ во Струмица на 07.02.2008 година.
Пошумувањето ќе се изврши на три локации во Струмичкиот регион: Месноста викана Чамчифлик, одредена локација над селото Сушево, како и на месноста викана Лакита над селото Иловица. Главната активност ќе се одржи на 12 март, ден по традиционалниот Струмички карневал. Местото на тргнување ќе биде од пред општинската административна зграда во Струмица. Се повикуваат сите граѓани на струмичкиот регион масовно да се вклучат во акцијата за да го покажеме нашето единство во намерата да ја сочуваме и разубавиме нашата единствена Македонија.