Во организација на Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО)-Скопје, на 21 февруари 2008 година во хотелот ,,Александар Палас,,-Скопје се одржа завршна конференција за проектот ,,Унапредување на образованието во општините.
На конференцијата присуствуваа претставници од 10 општини-учесници во проектот. Од општина Струмица, како пилот општина во овој проект кој траеше две години, присуствуваше градоначалникот на општина Струмица, г-динот Зоран Заев и членовите на општинското образовно тело, формирано по иницијатива на МЦГО-Скопје.
Пригоден говор по повод завршната конференција одржаа:
-директорот на ИТЗ г-ѓа Стефани Раст,
-директорот на одделот за демократија и локална власт при УСАИД, г-динот Мајкл Еди,
-извршниот директор на МЦГО, г-ѓица Лорета Георгиева и
-градоначалникот на општина Струмица, г-динот Зоран Заев.
Во својот завршен збор, г-динот Заев рече:
,,Откако ја научивме лекцијата наречена децентрализација и сфативме дека општината е матица, а секое училиште посебна клетка со значајна улога во неа, бевме приморани да изнаоѓаме модуси за трансформирање и унапредување на се она што го наследивме од централната власт. И така, ние, како одговорни за условите во коишто образованието ќе го има својот реален развоен пат се обративме до МЦГО за заеднички да направиме напори за подобрување на условите и квалитетот на образованието во нашата општина. Го прифативме императивот за проекција на развојни планови, стратешки цели, критериуми за стручност и професионалност,следење на современи текови и нивна примена во воспитно-образовниот процес, идентификација на проблемите и нивно решавање и соработка со домашни и меѓународни институции и фондации кои даваат свој придонес во севкупниот развој на образованието во нашата држава. На тој начин овозможуваме училиштето да се развива и еволуира на најдобар можен начин. Како резултат на таквите заложби и ангажмани во 2004/05 година општина Струмица, заедно со трите соседни општини, учествуваше во реализација на проектот ,,Поддршка на децентрализацијата на образованието во Македонија,, спроведен од Македонскиот центар за граѓанско образование.
Тргнувајќи од сложеноста на воспитно-образовниот процес, а следејќи ги потребите на училиштата, општината се вклучи и во проектот за кој денес сме овде ,,Унапредување на образованието во општините,, реализиран од МЦГО, а поддржан од Институтот за трајни заедници и од УСАИД-Агенцијата на САД за меѓународен развој. Општина Струмица активно соработуваше со МЦГО споделувајќи ги своите искуства од пилот проектот.
На конференцијата беше извршена презентација на проектните активности од проектот и беше промовирана брошурата и ЦД за општинските образовни политики на секоја од десетте општини, учесници во проектот.
Градоначалникот на општина Струмица, г-динот Зоран Заев, во името на 10-те општини, учесници во проектот, на претставникот на МЦГО му врачи благодарница и плакета.
Благодарноста не изостана и од нивна страна. Општина Струмица доби благодарница за успешната соработка и реализација на проектот.