На градскиот плоштад „Гоце Делчев“, денеска, беше отворен првиот саем на книгата во општина Струмица под мотото „Ајде да читаме“. Организатори на оваа саемска манифестација се Младинскиот совет на Струмица, Академијата „АБЦ“ и Локалната установа библиотека „Благој Мучето“ од Струмица.
Саемот го отвори претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.„Останало верувањето дека секоја работа најдобро е да се започне во понеделник. И навистина е така. Денес сме сведоци, како една извонредна идеја на младите наши сограѓани, понеделнички се преточува во една прекрасна реализација. Станува збор за Саем на книгата под отворено небо, кој има за цел да им ја доближи книгата на граѓаните, особено на оние од помладите генерации.Организатори на оваа невообичаена саемска манифестација се Младинскиот совет на Струмица, Академијата „АБЦ“ и Локаната установа Библиотека „Благој Мучето“ од Струмица, а истата ќе се одвива под мотото „Ајде да читаме“ . Читањето книги во овој неубав амбиент во кој се наоѓа нашето општество, за многумина би преставувало бегство од реалноста, но чинам дека е уште подобро ако книгата ни помогне да се соочиме со истата таа реалност или да ја промениме на подобро. Како и да е, книгата била и останува наш сопатник, наш пријател и наш поттикнувач за откривање на нови хоризонти и светогледи.Книгата и животот се во меѓусебна симбиоза. Велат дека животот е како книга. Никогаш не можеш да ги избришеш веќе напишаните страници, но во секој момент можеш да започнеш ново поглавје. И овој Саем на книгата е своевидно ново поглавје во нашата Струмица, поглавје кое, се надевам, ќе добие голем број поклоници, како убав вовед во посакувана традиционална манифестација.Верувам дека од денеска па се до 29. мај, овој наш преубав плоштад, од 10 до 21 часот, ќе биде убаво собиралиште на љубителите на книгата и дека секој од нив ќе го пронајде омилениот жанр и посакуваниот наслов. Во исто време, се надевам дека посетителите ќе уживаат во непосредните контакти со неколкуте млади творци од нашиот град, кои ќе бидат дел од овој саем.На самиот крај, сакам уште еднаш да го истакнам значењето на младинското ангажирање во општина Струмица, кое по кој знае кој пат, резултира со нешто убаво, позитивно и корисно. Со тоа, уште еднаш се потврдува сознанието, дека Струмица е општина по мерка на младите, но и на сите граѓани, воопшто. Во тој контекст, пренесувајќи ви ги поздравите и целосната поддршка од градоначалникот Зоран Заев, ве уверувам дека и во иднина, ваквите и слични инвентивни и креативни нешта, кои го промовираат младинскиот активизам, ќе бидат безрезервно поддржани од општина Струмица“, рече Христов.Првиот саем на книгата во Струмица ќе биде отворен седум дена.