Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани!
Практиката, редовно, точно и навремено да Ве информираме за работата на Општина Струмица, односно за активностите кои се отпочнати, траат или се завршени во сите области на делување и оваа недела пoтенцирајќи го моделот на транспарентно работење, имаме намера Вас почитувани, детално да Ве запознаеме со се што се случуваше оваа недела.
Конечно, со овозможувањето на нормална комуникација и премин на возила преку мостот на патниот правец Муртино – Сачево, решен е еден од круцијалните проблеми на граѓаните од овие населени места, посебно за село Сачево.
Oвие денови интензивно се работи и на тампонирањето на Булеварот „Климент Охридски“ заради што побрзо обезбедување на нормален пристап на граѓаните до нивните домови и објекти.
Оваа недела Заврши асфалтирањето на потегот Од кружниот тек кон селото Добрејци, поточно на улицата „Климент Охридски“ се до „индустриска зона север“. На овој потег заврши и осветлувањето со што оваа улица доби нова димензија.
Исто така, Завршено е и асфалтирањето на дел од улицата „4 јули“ и отпочнато е со интервенции за санирање на дупките на улиците, односно крпење на ударните дупки и прокопите за инфраструктуралните инсталации.
Оваа недела заврши и обележувањето на улиците во градот, хоризонталната сигнализација.
Им советуваме на граѓаните да ја почитуваат истата заради поголема безбедност во сообраќајот.
Почитувани граѓани!
Ве информираме дека на иницијатива на Градоначалникот Зоран Заев, согласно законските и статутарните овластувања, во тек се јавните собири на граѓаните во урбаните, односно месните заедници, заради вклучување на граѓаните во идентификација на проблемите во нивните заедници.
Заради примена на партиципативниот модел на креирањето на Програмата за комунално уредување за 2009 година и Креирањето на општинскиот Буџет за 2009 година и правилно утврдување на постоечките проблеми во урбаните, односно месните заедници, ги повикуваме граѓаните на што помасовно присуство на јавните собири.
Планот за одржување на јавните собири (денот, местото и часот), е објавен во просториите на урбаните, односно месните заедници, огласната табла во општинската административна зграда и на официјалниот општински веб сајт.
Почитувани граѓани !
Оваа недела броиме повеќе активности и од другите сфери на делување во општината.
Имено, во рамките на намалување на ризиците и коруптивните дејанија во работењето на општинската администрација, оваа недела се одржа и втората работилница по проектот „Подготовка на пишаните политики и процедури за намалувањето на ризиците“, во реализација на Здружението на финасиските работници на локалата самоуправа и Холандската развојна агенција СНВ, заради изготвување на Стратегија за управување со ризици, единствена таква во државата.
На иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Општина Струмица, неделава се одржа и трибина на тема „Предлог закон за Заштита од дискриминација“, каде присутните дебатираа и се произнесуваа со конкретни забелешки и предлози во контекст на изработката на крајниот текст на предлог законот.
Од Локалниот економски развој, ве информираме дека почетокот на Ноември отпочнуваме со инфраструктурно опремување на локацијата за изградба на Центарот за заедничка понуда на раноградинарски производи – Агро берза.
Изградбата на колекторот за прочистување на отпадните води, Атмосферскиот колектор А1 и А2, е проект на Општина Струмица за чија поддршка добивме грант од Европската Агенција за реконструкција и развој во вредност од околу 260.000 евра, а останатите средства во вредност од 150.000 евра ги обезбедува општината.
Денес во Општина Струмица од Страна на Словенечкиот Институт за квалитет SIQ, пристигна Сертификат за стандардот ИСО 14001:2004, за систем за управување со околината.
Со овој сертификат Општина Струмица како единствена општина во државата ги воспостави основите на Системот за управување со Околината, согласно европските стандарди.
И за крај почитувани граѓани !
Денес е денот кога во Хотелот Александар Палас во Скопје, пред Меѓународниот фактор -Советот на Европа и ЗЕЛС се доделуваат наградите за најдобри општински практики во кои Градоначаникот на општина Струмица, Зоран Заев, го добива највисокото признание за најдобра практика во државата, во областа на Јавното Приватно Партнерство – Изградбата на Трговскиот центар „Глобал“
Благодарам! ОПШТИНА СТРУМИЦА
МЕДИА ЦЕНТАР