На 31 октомври 2008 година во Хотел „Александар Палас“ во Скопје, Во рамките на Програмата „Најдобри практики во Единиците на Локалната Самоуправа во Македонија“, беа доделени наградите за 12те најдобри практики….
Во рамките на Програмата „Најдобри практики во Единиците на Локалната Самоуправа во Македонија“, Градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев ја доби наградата за најдобра општинска практика во Единиците на локалната самоуправа во Македонија, за проекти поврзани со зголемувањето на квалитетот на услугите во процесот на децентрализација, за промовирање на учеството на граѓаните во процесот на донесувањето на одлуките и делот на финасискиот менаџмент-зголемувањето на приходите на општините.
Оваа програма ја реализира ЗЕЛС со поддршка на Европската Унија, Советот на Европа, ЕАР, УСАИД и Министерството за локална самоуправа. Општинскиот проект „Реконструкцијата на Градскиот пазар – изградбата на Трговскиот центар Глобал“, еден од 12те најуспеши практики е дел од третиот сегмент на програмата, „финасискиот менаџмент-зголемувањето на приходите на општините“.
Градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев, примајќи ја наградата за најдобра општинска практика од Евроамбасадорот Фуере, уште еднаш ја потврди заложбата на Општина Струмица да биде пример за успешна локална единица во процесот на креирање на Европската иднина на Државата. Во таа пригода Заев истакна „Посебно за мене и се надевам за струмичани драга награда, заради тоа што овој проект предизвика огромно внимание во јавноста, проект заради кој јас и моите соработници бевме притварани од страна на власта, а денес токму со добивањето на оваа награда се покажа спротивното. Но вистината секогаш излегува на виделина. Јас само пред граѓаните ќе кажам, колку и да се искривува вистината сепак таа знае да излезе на површина. Денес вистината излезе на површина токму со оваа огромно признание од Советот на Европа, Европската Унија, УСАИД за најдобра практика која треба во иднина да биде практицирана и во останатите општини во Македонија и пошироко на балканските простори“.