Проектот “Покров“ е избран за проект на кој Струмичани ќе ги потрошат шесте милиони денари, донација од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и општина Струмица.
Овој проект предвидува за прв пат во земјава да се направи професионален Центар за рехабилитација и ресоцијализација на зависниците од дрога и алкохол, а од друга страна, ќе овозможи Струмица да биде прв град на Балканот кој ќе ги има сите структури потребни за оваа целна група, велат членовите на работната маса “Ранливи групи“ кои всушност и го предложија и изработија овој проект.
Проектот “Покров“ чини осум милиони денари, од кои шест милиони ќе се обезбедат преку програмата “Форуми на заедницата“, а два милиони преку партнерите Македонската православна црква на чие место ќе биде изграден центарот и локалната самоуправа која и ќе ги откупува сите производи од бекатон што ќе бидат произведени од лицата кои се рехабилитираат во центарот, вели Сократ Манчев претставник од масата Ранливи групи и претседател на невладината организација Избор од Струмица.
За почеток, во центарот ќе може да се прифатат околу четириесеттина лица но благодарение на партнерите, планирано е центарот да има развојна фаза каде по неколку години ќе може да се згрижат до 250 лица на рехабилитација.
Форумскиот процес во Струмица се одвивал на фер и демократски начин сметаат од ЦИРа.
Светлана Миленкова, раководителот на програмата во оваа општина, вели дека е задоволна што Струмичани сами решија во кој проект ќе ги вложат парите, но додаде дека со завршувањето на форумските сесии не завршува и Програмата, со најава дека ќе се следи натамошната работа на целиот процес и развивање на одбраниот проект.
За идното лето планирано е уште една форумска сесија на која ќе се даде отчет пред граѓаните за тоа што е направено со средствата.
Учесниците во форумскиот процес и гостите на последната сесија оценија дека оваа Програма им е од голема корист.
Диана Стоичевска, вели дека преку Форуми на заедницата научила како да комуницира со институции, како да пишува проект и што е најважно, развила лидерски и комуникациски способности.
За Ненад Георгиев, целиот процес е од големо добредојде и за учесниците и за општината. Најголеми пофалби упати до претставниците од ЦИРа кои несебично се вложија во целиот форумски процес и биле комплетно посветени во работата со работните групи.
„Одлична организација, ни дадоа знаење, поддршка, а од друга страна и комплетна помош која ни донесе да успееме да направиме проект кој ги доби гласовите“, вели Билјана Мицева.
“Мислам дека победи најдобриот проект. Се беше транспарентно, и беспрекорно, и верувам дека ќе продолжиме да спроведуваме проекти кои се од суштинско значење за општината“, изјави Зоран Узунов.
На шестата форумска сесија, што се одржа во домот на АРМ на 4 декември, присуствуваа околу 120 жители на општината, гости од SDC и градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев, кој ги поздрави присутните и јавно се заблагодари до граѓаните и до имплементаторите на Програмата.
Тој истакна дека ќе се залага за проектите кои останаа нереализирани да изнајде средства и да ги реализира со цел граѓаните да имаат поубави услови за живот во општината.