Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и Претседателот на Советот на општина Струмица, Зоран Ристов остварија средба со Министерот за локална самоуправа Зоран Коњановски. На средбата се разговараше за децентрализацијата, тековните состојби во Општина Струмица и законот за регионален рамномерен развој.
Градоначалникот Заев го запозна Министерот со актуелните состојби во Општина Струмица и со плановите за привлекување на инвестиции и забрзан економски развој. Струмица има амбициозни планови за реализација на проекти преку искористување на средства од предпристапните фондови на Европската Унија.
Можности отвара и прекуграничната соработка со Бугарија и Грција како и најавите за грчки инвестиции за чија реализација општината веќе разговара со Министерството за транспорт и врски за доделување на државно градежно земјиште.
Градоначалникот Заев го информираше Министерот дека Општина Струмица е целосно подготвена да помине во втората фаза од процесот на децентрализација и превземање на новите надлежности. Од централната власт беше побарано поголема подршка на општината со доделување на градежно земјиште како услов за економски развој, како и поврзување со магистралата Е-75, што во моментов претставува хендикеп во напорите за забрзан развој на општина Струмица. На средбата стана збор и за Законот за рамномерен регионален развој и улогата на општината во неговата имплементација, како и со предностите што ги нуди меѓуопштинската соработка.