Во рамките на макропроектот „Отварање на Центар за дијагностика и рано откривање на болести на дојка во ЈЗУ Општа Болница Струмица“, Градоначалниот на Општина Струмица, Зоран Заев, потпиша Меморандум за соработка со ЈЗУ Општа Болница Струмица и Организацијата на жени од Струмица, заради „Заедничка победа на струмичани во борбата со карциномот во Република Македонија“.
Носител на макропроектот е ЈЗУ Општа Болница Струмица, и за реализација на истиот обезбедуват најсовремени просторни услови во новиот Ургентен центар кој е најмодерно инфраструктурно опремен и кој во целос ги задоволува европските стандарди за таков „мама- центар“. ЈЗУ Општа Болница Струмица го обезбедува и Филм процесорот потребен за нормална функција на мамографот, стручен тим, обучен од амерички експерти, како и дополнителни активности заради негово успешно организирање.
Како партнери во реализацијата на истиот се јавува Општина Струмица со свои буџетски средства заради набавка на Ултразвучен апарат со висока резолуција со електронски сонди.
Под покровителство на Општина Струмица , Организација на жени од Струмица, во соработка со Хуманитарното друштво Животна искра 99, реализира микропроект, финансиски поддржан од БИМ/АДА-Институт за човекови права -Лудвиг Болтзман од Виена, заради обезбедување на дополнителни средства за набавка Ултразвучен апарат со висока фрекфенција со електронски сонди, како и промотивни, едукативни кампањи за опасноста и причините од малигни заболувања и начин на справување со истите.
Фондацијата Борис Трајковски – Скопје, во реализацијата на макропроектот учествува со мамограф како донација од жените на Америчките Сенатори и Конгресмени.
Реализацијата на овој особено важен макропроект „Отварање на Центар за дијагностика и рано откривање на болести на дојка во ЈЗУ Општа Болница Струмица“ како партнерство, ја потврдува пред граѓаните на Општина Струмица, регионот и Република Македонија единствената заложба на сите актери во заедницата во грижата за просперитет и благосостојба на своите граѓани.