Започна кампања за запознавање на заедницата со раното откривање на ракот на дојка. Во рамките на реализацијата на макропроектот Организирање на Дијагностички центар за рано детектирање на болести на дојка во ЈЗУ Општа Болница Струмица, вчера во Домот на АРМ, свечено беше објавено отпочнувањето на кампањата за „Запознавање на заедницата со раното откривање на ракот на дојка“.
Настанот беше организиран под покровителство на Градоначалникот на Општина Струмица Зоран Заев и Меѓународната Фондација Борис Трајковски. Истиот го следеа високи институционални претставници, Д-р Хирш од Интернационалниот институт за радиологија и мамографија од Охајо Америка, зaедно со стручен тим на соработници, претставници на Меѓународната Фондација Борис Трајковски, претставници од локалната самоуправа и ЈЗУ Општа Болница Струмица, како и голем број здравствени и општествени работници.
Поздравувајќи го бројниот аудиториум, Градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев во своето обраќање ја истакна опасноста од се поголемата експанзија на карцином, посебно од карцином на дојка, со акцент на огромната важност од раната детекција на истиот. Во таа насока ја истакна заедничката заложба на повеќето актери во единствената намера, преку заеднички ангажман успешно да се реализира овој мошне важен проект за општината и регионот. Меѓу другото Градоначалникот и се заблагодари на Меѓународната Фондација Борис Трајковски, особено на Г-ѓа Вилма Трајковска како најважна алка во овој синџир за несебичниот ангажман и големата желба да помогне на граѓаните на својот град, градот на нејзиниот и нашиот прерано починат Претседател на државата Борис Трајковски.
Градоначалникот се заблагодари и на Др.Хирш и неговиот тим на соработници, за покажаната желба, сиот нивни експертски капацитет да го стават на располагање во интерес на заедницата. Во понатамошно излагање Градоначалникот Заев, ја истакна досегашната професионалната соработка со ЈЗУ Општа Болница -Струмица, посакувајќи истата и понатаму да продолжи во насока на подобрување на здравствениот систем во општината, регионот и државата.
На присутните гости им се обрати и Др.Хирш од Интернационалниот Институт за радиологија и мамографија од Охајо Америка кој истакнувајќи ја целта на неговата мисија, искажа огромно воодушевување од топлината на овој народ.
Обраќање имаше и претставник од Меѓународната Фондација Борис Трајковски. Истакнувајќи ја опaсноста од зголемувањето на бројот на заболени од малигни заболувања, стави акцент на потребата од таквите заеднички заложби и акции во насока на подигањето на здравствената култура кај населението.
На присутните им се обрати и директорот на ЈЗУ Општа Болница Струмица Г-динот Ирфан Максудов, кој им се заблагодари на Фондацијата Борис Трајковски, Др Хирш и посебно на Градоначалникот на Општина Струмица за покажаната висока свест, во заедничките заложби за подигнување на нивото на здравствениот систем.
Кампањата за „Запознавање на заедницата со раното откривање на ракот на дојка“ , според определена програма, во текот на наредните десет дена ќе третира различни целни групи низ градските и руралните средини.
Вториот дел од од овој проект ќе биде свеченото давање во употреба на мамографот, со што ќе се заокружи реализацијата на Центарот за рано откривање на болести на дојка во ЈЗУ Општа Болница – Струмица.