Вчера во просториите на Европската агенција за реконструкција Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев го потпиша договорот за проектот Тренинг центар за високообразовни кадри кој е финансиран од Фондовите на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Р. Македонија и Р. Грција.
Проектот е со вкупен буџет од 140.000 евра од кои 117.000 евра се донација од ЕУ. Средствата ќе се користат за отварање на Институт за применета технологија кој ќе биде најсовремено уреден и опремен со 25 компјутери, принтери, лцд прожектори и др. Институтот ќе треба да им помага на високообразовните неврабортени кадри да ги подобрат своите работни перформанси и да се прилагодат кон потребите на пазарот на труд.
Сите учесници во проектот ќе добијат тренинг, информации и совети од стручни лица од земјата и странство во области од значење за нивното сопствено професионално усовршување. После обуката учесниците во проектот ќе добијат потврда – сертификат за учество во проект финансиран од ЕУ.
Проектот исто така предвидува одржување на три саеми меѓу компаниите од струмичкиот регион и високообразовните кадри, со помош на кои ќе се обиде да се вработат учесниците во проектот во компаниите кои сопствениот развој ќе го генерираат преку вработување на високообразовни кадри. Партнер на Општина Струмица во овој проект е Општина Ахиос, Грција, а активностите од проектот ќе започнат до крајот на годината и ќе траат 18 месеци.