Општина Струмица денеска го одбележува Денот на заштитниците, Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици. Во утринските часови во истоимената црква се одржа Света Божествена литургија на која што присуствуваа претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, градоначалникот Коста Јаневски, пратеници во Собранието на Република Македонија, членови на Советот на општина Струмица и голем број граѓани.
Одбележувањето продолжи со свечената седница на Советот на општина Струмица која точно напладне се одржа во големата сала на центарот за култура „Антон Панов“. Пред претставниците на Македонската православна црква и другите верски заедници, дипломатскиот кор во државата, претставници на централната и локалната власт и поголем број пријатели на Општината и почитувачи на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, зборуваше градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски.Поклонувајќи се пред ликовите и делата на Петнаесетте Божји апостоли и гледајќи ги нештата од денешна временска рамка, станува нужно да ги ползуваме вредностите кои ни се оставени во наследство. Вербата, човечноста, љубовта, милосрдието, хуманоста и сите други доблести кои ги поседувале служителите Господови, треба да ни бидат пример за креирање на нашите животни патишта. Ние треба да бидеме достојни следбеници на она што ни е оставено на дар. На тој начин ќе си дадеме до знаење дека се чувствуваме должници на недолжните. На тој начин ќе ја покажеме постојаната грижа кон востановените вредности, кон традицијата и кон нашата Струмица. Таа наша Струмица треба да се сака, како што таа не сака. Ако го добивме со убави белези овој град и со убав аманет од нашите предци, тогаш со уште поубави нишани треба да им ја оставиме на нашите идни поколенија. Тоа е наша обврска и наш завет кон градот во кој сме родени и во кој живееме. Но, имаме обврска и кон самите себе, едни кон други, оти ние сме дел од овој град, оти, ниту Струмица ја бидува без струмичани, ниту нас струмичани не бидува без Струмица. Господ не дарувал со очи за да се погледнеме топло и пријателски, не дарувал со уши за да се ислушаме и за арно и за лошо, не дарувал со усти за да скршиме по некој убав збор, а не дарувал и со срца и души во кои ќе ја чуваме и со кои ќе ја сакаме Струмица. Но Господ ни дарувал и раце, за да си ги подадеме едни кон други, но и да сработиме со нив добри дела за нашиот град, во наше име и во името на сите поранешни и идни генерации струмичани. На тој начин ќе оставиме наш белег во струмичкото битисување, оти овој град ниту започнал да постои од нас, ниту по нас ќе престане да постои. Во долговековниот опстој на Струмица, времето на нашето постоење е само мал сегмент, па сепак многу значаен за целокупната физиономија на нашето заедничко животно гнездо. Затоа, ајде тоа гнездо да го направиме поубаво и попријатно за сите, оти тоа е наше гнездо, оти во него сме се испилиле, во него ја тераме нашата живеачка, и од него еден ден ќе полетаме кон струмичкото ѕвездено небо. Само здружени и со љубов тоа може да го сториме. Само така може да бидеме горди на нашиот влог кон родната грутка. Драги гости и сограѓани, денес славиме голем празник и треба да бидеме големи во празнувањето. Денес како да славиме 15 празници во еден ист ден, по еден празник за секој од мачениците. Тоа тие го заслужуваат. Но ние славиме еден празник кој ним им е сосема доволен, за да знаат дека и по повеќе од 16 и пол векови, постојат граѓани кои достојно ја искажуваат својата благодарност за се што сториле за нашето себеспознавање и за верата која ја носиме во нашите срца и души. Нека биде така за вечни времиња, рече Јаневски. На свечената седница на Советот беа доделени традиционалните годишни награди и наградата за животно дело „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“ на општина Струмица за 2017 година. Наградата за животно дело ја доби Јован Џабулов за особен придонес во областа на архитектурата, а годишна награда за посебни остварувања добија Зоран Спасов за особен придонес во областа на спортот, Сречко Гунчев за особен придонес во областа на фотографијата, Магдалена Мафкова за особен придонес во областа на кулинарството, Верица Јанкова за особен придонес во областа на образованието, Роза Мојсовска за особен придонес во областа на сликарската уметност, екипата на филмот„Златна петорка“ за особен придонес во областа на филмската уметност и КГС„Партизан“ за особен придонес во областа на спортот и спортските активности. Одбележувањето на празникот завршува вечерва со промоција на книгата со фотографии „МОНОС“ и изложба од Александар Дончев која што ќе се одржи во Музејот со почеток во 19 часот и во 20 часот во центарот за култура „Антон Панов“ ќе се одржи заеднички годишен концерт на Распеани струмичани и ансамблот „Тримери“.