Во рамките на финансиската поддршка која општина Струмица ја обезбедува за активности од меѓуетничката интеграција во образованието, ученици во мешан етнички состав од основното општинско училиште „Никола Вапцаров“ од Струмица, реализираа проектна активност во корелација и координација на наставните предмети: етика, граѓанско образование, историја, информатика, музичко и ликовно образование.
Во процесот на активноста, учениците се запознаа со народните ора од различни култури, ги научија деловите на народните носии од македонскиот и турскиот фолклор, го збогатија своето искуство со заеднички ора и песни и преку цртање учеа за разноликоста на фолклорот. Во присуство на претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски, претставници од општина Струмица и училиштето, учениците приредија прекрасен фолклорен сплет од македонски и турски ора и песни, со што го прикажаа креативното изразување за народното творештво и културно богатство на македонската и турската заедница.