По четирите фестивалски вечери на неколку локации во градот, од вечерва, „Струмица опен фестивал“ се преместува на големата сцена на плоштадот „Гоце Делчев“. Струмичани досега уживаа во разновидната фестивалска понуда од вечери на поезија и афоризми, изложби, промоции, фолклорни фестивали, џез и вечер на акустична романтика, трка на келнери, завршен концерт на летната школа за гитара, а кои претставуваа вистинско културно освежување во овој период од годината.
Томи Печков претседател на здружението „Културен забавен живот“ вели дека последните подготовки пред трите финални вечери на фестивалот се при крај и им се заблагодари на сите кои досега ја поддржаа оваа манифестација.Големата сцена и шанковите се веќе наместени и одбројуваме уште неколку часа до финалето на „Струмица опен фест“. Сите три финални вечери ќе започнуваат во 21 и ќе траат до 3 часот по полноќ. Ги молиме граѓаните, особено оние кои што живеат во околината на плоштадот за разбирање, бидејќи сепак се работи за еден од најголемите фестивали во Македонија и бидејќи сме познати како добри домаќини, би сакал уште еднаш тоа да го докажеме. Исто така, сакам да ја известам јавноста дека на главните влезови на плоштадот од страна на организаторите на фестивалот и од Црвениот крст ќе бидат поставени пунктови каде што граѓаните ќе можат да донираат за настраданите од поплавите во Скопје, рече Печков.