Се одржа средба меѓу претставници на општините Струмица и МедијанаВо просториите на домот на АРМ, денеска, се одржа средба меѓу претставници на општина Струмица и градската општина Медијана од Република Србија.
На средбата се разговараше за досегашната соработка меѓу јавните претпријатија за паркиралишта, но и се потенцираа областите во кои овие две општини можат взаемно да соработуваат.Целта на посетата е продлабочување на односите меѓу двете општини, пред се економските, но и останатите каде што имаме заеднички интереси. Веќе имаме воспоставено контакти меѓу Јавните претпријатија и голема помош добивме при формирањето на јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“, односно, нивното искуство беше драгоцено за нас. Се надевам дека соработката ќе ја продлабочиме, најмногу во економијата затоа што таа е двигател на секое општество, посебно што ние сме развиен земјоделски регион и имаме квалитетни производи и можеме да го зголемиме пласманот на нивниот пазар, рече Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.Истата цел ја потенцираше и Срѓан Петровиќ заменик претседател на општината Медијана.Голема благодарност до општината и нејзиното раководство, мило ни е што сме тука и што имаме можност да видиме како вие ја организирате манифестацијата „Струмица опен фестивал“, ние имаме нешто слично во Ниш, и секако ние сакаме да учиме од најдобрите, ви честитаме за организацијата. Инаку, Медијана е градска општина на Ниш со околу 120 илјади жители, најмала е по површина, но е густо населена, немаме ниту едно село и сме чиста градска општина и ги немаме тие ваши земјоделски производи, но имаме други можности за соработка во економијата, културата, спортот и се надеваме дека ќе најдеме проект во кој ќе ја продлабочиме соработката, рече Петровиќ.