Со повеќе активности, реализирани во текот на летниот распуст, во СОУ „Никола Карев“ Струмица подобрени се условите за работа на учениците и наставниот кадар. Според зборовите на директорот на училиштето Драган Јанков, во овој период е извршена замена на 75 стари метални прозорци со нови алуминиумски, со што старата столарија е скоро во целост заменета, со исклучок на прозорите на санитарните јазли и спортската сала.
Покрај тоа, извршено е обелување на училишната зграда, на површина од 5000 м², а се преземени активности и за санација на топловодното греење и за набавка на компјутерска опрема во кабинетите по информатика. Дел од активностите беа насочени кон уредување на училишниот двор. Просторот околу спортската сала е ограден со метална ограда, при што се користени материјали од веќе расходувани клупи и столови, а се целосно уредени и исчистени сите површини од дворот, без оглед на тоа, дали се хортикултурно уредени или не.