На три дена пред почетокот на учебната 2016/2017 година, Одделението за образование при Општина Струмица, излезе со бројки за запишани ученици во прво одделение во основното образование и за запишаните ученици во прва година во трите средни училишта.
На први септември за првпат во училишните клупи ќе седнат 550 првоодделенци, од кои 451 во деветте основни општински училишта и 99 во петнаесетте подрачни училишта во општина Струмица. Најмногу првачиња (122) ќе има во ООУ „Видое Подгорец“ Струмица, а најмалку (11) во ООУ „Гоце Делчев“ Вељуса . Во трите средни општински училишта во Струмица, во августовскиот уписен рок, во прва година се запишани дополнителни 76 ученици, од кои 10 во СОУ „Јане Сандански“, 25 во СОУУД „Димитар Влахов“ и 41 во СОУ „Никола Карев“. Овие бројки покажуваат дека во СОУ „Јане Сандански“ во прва година, во двата уписни рока вкупно се запишани 137, во СОУУД „Димитар Влахов“ 154, а во СОУ „Никола Карев“ 207 ученици. Според потребите од конкурсот, во трите средни училишта, останаа 750 слободни места. До почетокот на учебната година бројот на запишани ученици во основните и средните училишта, можно е да претрпи мало зголемување на ученици кои од објективни причини не успеале да се запишат во предвидените рокови.