За учениците од деветте основни и трите средни училишта во општина Струмица , како и за сите нивни врсници во државата, денес започна новата учебна година. 1 –ви Септември беше посебно доживување за околу 550 првооделенци од општината , кои денес за прв пат седнаа на училишните клупи.
Во нивна чест, денес пред домот на АРМ се одржа пригодна свеченост со културно- уметничка програма , а на првооделенците им се обрати градоначалникот на општина Струмица , Зоран Заев .Во своето обраќање градоначалникот Заев меѓу другото истакна :„ Драги првооделенци , овој денешен ден , овој Први септември е Ваш ден, ден кога го исчекорувате првиот чекор од долгиот но многу интересен пат на Вашето образование. Тоа е патот кој води до конечната цел, да се биде човек за респект, да се биде почитуван дел од нашата заедница и општество. Дали ќе успеете во тоа , зависи од Вас.. Денеска срцата на 550 дечиња од општина Струмица, бијат силно поради Први септември , како нивен прв училишен ден во животот. Драги првооделенци, срцето на секој од Вас е дел од тие 550 детски срца. Тоа значи дека не сте сами. Ве уверувам дека таа возбуда ја чувствувам и јас, па имајте на ум дека и моето срце силно бие од среќа за сите Вас. Нека ни е честит првиот училишен ден. Ви посакувам да имате успех во учењето и среќно и безгрижно детство. Да сте ми живи, здрави и успешни првооделенци “.