На денешната седница на Советот на Општина Струмица, советниците донесоа одлука за субвенционирање на дел од надоместокот за приклучување на дистрибутивниот гасоводен систем. Станува збор за субвенционирање на 50 приклучоци со по 100 евра. Образложението за субвенционирањето пред советниците го даде градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев.Советот на општина Струмица порано донесе одлука за субвенционирање на 115 приклучоци по 140 евра, заради мотивација на граѓаните за приклучување на гасоводната мрежа.
Во општина Струмица веќе се направени околу 250 приклучоци на станбени и деловни објекти, но пред се на општинските институции. Знаејќи дека на една од претходните седници Јавното претпријатие настапи пред Советот со информација дека благодарение на тендерската постапка која овозможи поефитини цени за набавка на материјалите за приклучок на домаќинствата, веќе цената за приклучок од 700 е намалена 600 евра, а истовремено согласно завршените тендерски постапки намалената цена на изведбата на гасоводната мрежа која што секоја година општина Струмица со средства од буџетот ја шири во градот Струмица, Јавното претпријатие сугерираше, јас како градоначалник прифатив и денеска му предлагаме на Советот да донесеме одлука во наредниот период од 12 месеци дополнително да субвенционираме 50 приклучоци со по 100 евра од приклочок, тоа се 5.000 евра средства кои што веќе се заштедени од изведбата на гасоводната мрежа и мислиме дека треба некако да ги вратиме кај граѓаните. Што значи тоа? Ако во периодот пред нас поминеме повеќе од 50 приклучоци ќе настапиме повторно пред Советот да не ги дискриминираме граѓаните и да продолжи трендот на намалување на цената. Сега приклучокот, со одлуката од страна на Советот, ќе биде 500 евра, тоа е големо олеснување за граѓаните, имајќи во предвид дека во овој момент инвестирање во гасоводната мрежа е значителен издаток за секое семејство кое што уште во текот на грејната сезона им се враќа како инвестиција, проблемот е како да се соберат сите тие пари и да се направи приклучок на гасоводната мрежа. Имајќи во предвид дека цената на гасот во последниот период падна за околу 35 проценти тоа го овозможува гасот да биде се по веќе атрактивен енергенс за граѓаните на општина Струмица и да има се поголеми заштеди од неговото користење. Природниот гас во Струмица се користи не само за греење, туку и за технолошки процеси, како и за други потреби во домаќинствата. Нашите општински институции покажуваат огромни заштеди кои некоја година изнесуваат преку 50 посто, некоја преку 63 посто, се зависи од тоа колку е студена зимата, но генерално можам да кажам дека од почетокот на гасификацијата на општинските институции имаме заштеди поголеми од 55 проценти, пари кои соодветно остануваат на сите институции како заштеди, тоа се основните и средните училишта, детските градинки и другите општински институции, а и заштедите на греење на самите домаќинствата, деловни објекти, стопански субјекти кои што се во општина Струмица, се исто така големи. Одлуката ја предлагаме со единствена цел, да им помогнеме прво на граѓаните и второ да го зајакнеме трендот на приклучување на гасоводната мрежа во општина Струмица, рече градоначалникот Заев.