Паралелките за образование на ученици со посебни образовни потреби – аутизам при основното општинско училиште „Сандо Масев“ од вчера се побогати со уште еден реквизит кој има голема улога во сензорната интеграција на овие ученици.
Станува збор за трамболина, донација од сопственикот на студиото „Даци“, Драган Гоцев, кој наместо за забава одлучил средствата за одбележување на тригодишнината од отворањето на студиото да ги донира во специјалните паралелки во ООУ „Сандо Масев“.За мене е огромна чест што донирам овде и голема благодарност до училиштето „Сандо Масев“ што ми ја овозможи оваа донација. Станува збор за тригодишно постоење на моето ново студио и при размислувањето што да направиме оваа година, решивме да ги исфрлиме сите површински работи од типот на забави и решивме да направиме нешто суштинско и кое ќе остане за подолг период и ме прави посебно среќен што донираме за децата со аутизам и се надевам дека трамболината ќе им биде од голема корист, рече Гоцев.Според Спасе Додевски, дефектолог во училиштето, овој реквизит има посебно и значајно место во сензорната соба која е во постапка на опремување.Ни подарија еден реквизит кој што е многу драгоцен за нас, посебно за децата со аутизам, ние како што знаете сме во постапка за опремување на сензорна соба и поради финансиските рамки тој реквизит ни недостасуваше. На барање на фризерскиот салон за одбележување на ваков начин и со подарување на реквизит, ние позитивно одговоривме и сигурен сум дека оваа опрема ќе ја користиме бидејќи е од голема важност за децата со аутизам. Подарокот е трамболина во големи димензии и тоа не е само играчка, туку, има голема улога во сензорната интеграција на овие ученици и ова е голем придонес во целиот наш проект, во нашата улога за оформување на сензорен третман кај децата со аутизам, рече Додевски.Општина Струмица го држи приматот во Република Македонија во грижата за децата со аутизам и нивното воспитување и образование. Таа е прва општина во државата која што во 2006 година отвори паралелка за деца со аутизам.