По зачестените објави и коментари за кучињата скитници, општина Струмица, иако и досега тоа го правела, уште еднаш ги информира граѓаните дека кучињата скитници на територијата на Општината се третираат исто како што тоа се прави на територијата на целата држава. Како и при решавањето на другите проблеми на граѓаните, така и овој се решава согласно важечките законски прописи во Република Македонија, а во овој случај, согласно Законот за заштита и благосостојба на животните според кој кучињата скитници имаат хуман третман.
Од август минатата година општина Струмица започна со хуманиот третман на кучињата скитници согласно важечкиот Закон во Република Македонија.Според овој Закон, по заловувањето кучињата скитници се транспортираат до прифатилиштето и од секое се зема крв и се праќа на испитување за лајшмaниоза (паразитско заболување) во лабораторијата на факултетот во Скопје. Доколку кучето е позитивно на лајшманиоза, тоа се аутанизира со хуман третман, а доколку наодот е негативен, женските кучиња се оставаат на третман четири дена по стерилизацијата, а машките се оставаат два дена по кастрацијата. Истите кучиња потоа се вакцинираат против беснило, се врши дехелминтизација (чистење од паразити), се обележуваат со ушни маркички и се чипираат. Откако ќе се изврши сето тоа, кучињата се враќаат назад до местото на заловување и се пуштаат. Секое третирано куче има и пасош кој се наоѓа во одделението за инспекциски работи при општина Струмица. Ова е единствениот начин на кој се третираат кучињата скитници на целата територија на Република Македонија.