Општина Струмица, денеска, го одбележа Денот на народното востание на Македонија и Денот на борецот. Одбележувањето се одржа пред Споменикот на револуцијата во градскиот парк каде претставници на општина Струмица, на општинскиот одбор на борците, јавни институции, политички партии и здруженија на граѓани положија свежо цвеќе, а за значењето на празникот зборуваше Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.
Единаесетти октомври 1941 година беше предвесникот на новата посветла и поубава историја на Македонија и македонскиот народ. Денес, на денот кога ја одбележуваме 75-годишнината од востаничкиот 11 Октомври, ние, но секако и помладите генерации, не можеме да не бидеме горди на големата востаничка епопеја, зошто токму 11 Октомври го прати одлучниот глас против туѓите поробувачи, но и глас на слободата која сеуште одекнува во душите на граѓаните на Македонија. Со тоа на непријателите недвосмислено им беше кажано дека овде не им е местото. Со тоа македонскиот непокор доби уште еден печат, како и во случаите со сите поранешни буни и востанија забележани на страницирте од македонската историја. А кога станува збор за македонската историја, тогаш секому треба да му биде совршено јасно, дека таа има онолку страници за читање колку што со крв, непокор и љубов се напишани. Ни повеќе ни помалку. Затоа кога ја препрочитуваме таа историја, тоа треба да го правиме така како што треба, од почетокот до крајот, од првата до последната страница. Ако по нечија волја бидат прескокнати некои страници, тогаш уништуваме дел од нас и од нашето постоење и правиме невидено злосторство кон Македонија и кон самите себе, не помало од она злосторство кое го правеле оние кои во минатото и сега, сакале и сакаат да не нема. Ама не има и ќе не има се дури веруваме во Македонија, се дури веруваме во себе, се дури имаме комплетно чесен однос кон вредностите од минатото. Тогаш, кога на достоинствен и правилен начин ќе го апсолвираме минатото, ќе имаме и неприкосновено право на иднината. Денешнината е таа која ние ја живееме и која ги поврзува периодот зад нас и периодот пред нас. Разбирање, почит, толеранција, заедништво и братска љубов, тоа ни е потребно за да го совладаме неединството, за еднаш засекогаш да се збогуваме со македонскиот синдром на самоуништување. Драги сограѓани,ајде со позитивна мисла да му се израдуваме на овој ден, ама искрено и чесно како што доликува на луѓе кои со срце и душа ја љубат татковината Македонија. Нека ни е честит и вековит 11. Октомври – Денот на востанието и Денот на борецот, рече Христов.
Во чест на празникот беше изведен рецитал од членовите на рецитаторската секција од домот за деца и млади „Благој Мучето“.