Учениците и вработените во основното училиште „Даме Груев“ од населеното место Куклиш денеска на дело ја потврдија својата хуманост, а по повод новогодишно – божиќните празници. Тие реализираа собирна акција и собраните производи се донирани во домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Соработката меѓу училиштето и домот започна минатиот месец на предлог на наставничката Василка Василева, а беше прифатен од сите родители, по што беше реализирана посета на домот на деца без родители „11 октомври“ во Скопје.
Целта на посетата беше да ја продлабочиме соработката меѓу родителите и децата во нашето училиште и да се сфати поентата на односот меѓу родителот и детето. По тој повод, кога ги посетивме децата однесовме пригодни подароци и бевме срдечно пречекани во домот, каде се згрижени педесет дечиња на возраст од 3 до 18 години. Тие нас не почестија со приредба подготвена за нас. По посетата, на иницијатива на родителите, побаравме да организираме една новогодишна акција за да им понудиме една мала помош на тие дечиња за да ја почувствуваат топлината и тоа што може еден родител да направи во одреден момент. Со помош на родителите на учениците од мојот клас од ОУ „Даме Груев“ и секако со поддршка на нашата директорка Валентина Пеливанова, ние тоа го направивме-родителите, учениците и дел од месното население кое преку родителите веќе знаеја за оваа собирна акција. Освен новогодишни пакетчиња, во оваа акција собравме и постелнина, гардероба, обувки и многу нешта кои ни стојат така складирани во домовите. Тоа што го собравме, денеска го испративме за домот „11 октовмри“, од каде дојде возило и ќе им биде однесено на дечињата во тој дом. Јас им се заблагодарувам на родителите, кои ни беа голема поддршка во сето ова, бидејќи без нив немаше да можеме да ја реализираме ова акција. Образовната институција во која работам, основното училиште „Даме Груев“ од село Куклиш, не овозможува само образовен дел, туку, нашите деца ги едуцираме да се почитуваат меѓу себе и да ја почитиваат ситуацијата во која што секој може да се најде без да сака, рече Василева.