Струмица се подготвува за овогодинешното издание на карневалот кое ќе се одржи од 18 до 25 февруари. Карневалските празнувања ќе почнат со детскиот маскенбал на 18-ти февруари, ќе продолжат на 19-ти со објавувањето на резултатите од конкурсот за најдобри остварувања на тема карневал, изложба на фотографии од карневалот 2014 и традиционалниот концерт под маски на музичкото училиште „Боро Џони“. Свеченото отворање ќе се одржи на 20-ти февруари со традиционалниот маскенбал на кој ќе бидат избрани принцот и принцезата на карневалот, а на 21-ви е главната интернационална карневалска вечер.Програма за карневалот 2015 година
Карневалските празнувања продолжуваат со детскиот карневал на Прочка, на 22 февруари, на 23-ти е чист понеделник, кога традиционално се вари бел грав, а истиот ден ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер и отворена изложбата и доделени наградите од наградниот конкурс за карикатури и афоризми на тема карневал. Традиционалното карневалско корзо и доделувањето на наградите на најдобрите карневалски маски ќе се одржи на 24 февруари и карневалските празнувања завршуваат на 25 февруари со одбележувањето на тримерските обичаи.Според Александар Цицимов, претседател на организациониот одбор, и годинава има голем интерес на странските групи за учество на струмичкиот карневал. Иако пријавувањето се уште трае, своето учество го потврдија групи од Турција, Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија, а се вршат и резервации во хотелските капацитети.Струмичкиот карневал има вековна традиција, а годинава одбележува 25 години од обновената организирана форма на неговото одржување.