Пред споменикот „Македонија“ во големиот градски парк, денеска, општина Струмица ја одбележа 13-годишнината од смртта на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски. Од името на Општината свежо цвеќе пред споменикот положи вршителот на должноста градоначалник, Костадин Костадинов, а за животот и делото на Трајковски зборуваше претседателот на Советот, Јосиф Христов.
Иако јавноста на различни начини ја коментираше неговата работа, факт е дека Борис Трајковски работеше со чесни намери да и помогне на Република Македонија и на нејзините граѓани. Тоа тој го правеше со нагласена енергија, верба во успех и со многу, многу љубов. Остана верен на својот препознатлив стил со кој манифестираше ведрина, топлина, срдечност и беспрекорна ширина во своите погледи и ставови. Без разлика дали се среќаваше со високи државници ширум светските меридијани или со обичните граѓани низ македонските градови и села, Борис Трајковски остануваше секогаш Борис Трајковски. Стоеше исправено и пред најголемите искушенија со кои се соочуваше Република Македонија. Божјиот човек, трпеливо и добродушно се справуваше со сите бариери кои се наоѓаа пред него. И тогаш кога низ светот требаше да се најдат вистински пријатели за евро-атлантското интегрирање на Македонија, и тогаш кога воениот конфликт и се закануваше на земјата дека ќе ја фрли во амбис, секогаш, ама баш секогаш наоѓаше сили да биде голем пред големите предизвици. Им простуваше на сите што го напаѓаа, ги ползуваше сите можни придобивки од позитивната дипломатија, но се чини беше најголем како творец на Рамковниот договор со кој му стави крај на меѓуетничкиот конфликт. Претседателот Борис Трајковски сонуваше за поуспешна, посреќна, попросперитетна и посилна Македонија, како дел од ЕУ и НАТО, рече Христов.