Во рамките на проектот за професионален и кариерен развој на наставниците и стручните соработници во основното и средното образование, кој го спроведува Македонскиот центар за граѓанско образование-Скопје, општина Струмица е избрана за пилот општина.
Во овој период започнаа да се реализираат обуки по упатството за следење на работата и планирањето на професионалниот развој на наставниците и стручните соработници во општинските основни и средни училишта. Во обуките се опфатени наставници и стручни соработници од четири основни училишта: „Сандо Масев“ и „Маршал Тито“ од Струмица, „Св. Кирил и Методиј“ од Дабиле и „Маршал Тито“од Муртино.На одржаните работилници се разгледани компонентите кои ќе им помогнат на училиштата за систематско планирање и реализирање на професионалниот развој, идентификување и промовирање разновидни видови на поддршка, изнаоѓање начини за правилно и одговорно користење на човечките и материјалните ресурси, а следењето на работата на наставниците да допринесе во функција на професионалниот развој. Како основен предизвик на наставниците и стручните соработници им беа доставени обрасците кои треба да се пополнуваат за вреднување на планирањата, самоевалуацијата, за личниот план на професионален развој, со опфат на компетенциите кои треба да се подобруваат во секојдневната училишна пракса на училиштата.Наставниците и стручните соработници по оваа обука имаат обврска да ги дадат своите мислења и предлози во врска со сите обрасци наведени во упатството, за во наредниот период да започне разгледувањето на елементите за таканаречениот кариерен развој на наставниците и стручните соработници.