Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи формирана од советот на општина Струмица, согласно законските обврски подготви извештај за процена на штетите од поплавите кои го зафатија подрачјето на општина Струмица на 24 и 30 јануари 2015 година.
Во извештајот се наведени причините за настанувањето на поплавите како и проценките за настаната штета поеднично по секое домаќинство, односно правни субјекти кои поднеле барање за проценка, како и проценка на вкупните штети по населени места. Ацо Ѓоргиев, претседател на општинската комисија за проценка и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи, денеска, информираше дека поплавите во јануари годинава на територијата на општина Струмица предизвикаа вкупна штета од 95.600.555,00 денари.
-До комисијата има доставено вкупно 515 барања за проценка на штети од кои најголем дел се населеното место Муртино и тоа 270 барања, од кои 253 за проценка на штети на поплавени земјоделски површини и 17 барања за поплавени куќи и помошни простории со вкупна проценета вредност на штетите од 38.835.372,00 денари.
Од населеното место Сачево има доставено вкупно 94 барања од кои 88 барања за поплавени земјоделски површини и 6 барања за поплавени домаќинства и помошни простории со вкупна проценета вредност на штетите од 11.630.684,00 денари.
Од населеното место Просениково има доставено вкупно 73 барања од кои 49 за поплавени змјоделски површини и 24 барања за поплавени домаќинства и помошни простории со вкупна проценета вредност на штетите од 5.046.605,00 денари.
Од населеното место Дабиле има доставено вкупно 46 барања од кои 28 за поплавени земјоделски површини и 18 барања за поплавени домаќинства и помошни простории со вкупна проценета вредност на штетите од 2.601.398,00 денари.
Од останатите населени места на територијата на општина Струмица има вкупно поднесено 12 барања со вкупна проценета вредност на штетите од 678.454,00 денари.
До комисијата има поднесено и 6 барања од правни субјекти чии штети се проценети на вкупно 4.334.200,00 денари.
Согласно единствената методологија за проценка на штетите извршена е проценка и на оштетените инфраструктурни објекти кои се во надлежност на општина Струмица како мостови, улици, канали и друго во износ од 30.456.506,00 денари.
Вкупната вредност на штетата настаната од поплавата на 24 и 30 јануари 2015 година на територијата на општина Струмица е проценета на 95.600.555,00 денари.
Овој извештај, согласно законските обврски, комисијата за проценка на штетите го достави до советот на општина Струмица на разгледување и усвојување, со што е запазен законскиот временски рок предвиден за изработка на извештајот, рече Ѓоргиев.