Честитка од градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, по повод големиот христијански празник Велигден

Почитувани сограѓани  благочестиви христијани,

Велигден е празник над празниците, торжество над торжествата и слава на Богочовекот кој стори чудо над чудесата. Христовото Воскресение е чин кој означува победа на животот над смртта, премин на смртта во бесмртност и верба во нашето спасение. Апостол Павле беше рекол: Ако Христос не воскресна, празна ќе беше нашата проповед и празна ќе беше нашата вера.

Ако се знае дека Исус страдаше и воскресна поради својата безмерна љубов кон човекот, тогаш секој човек во нас има преубава причина за радост и празнување. Убавата вест за Христовото Воскресение нека го најде најкусиот пат од црковните храмови до храмовите подигнати во Вашите срца и нека верата, љубовта и надежта ги разбудат во секој од Вас богољубието, човекољубието и правдољубието.Честитајќи Ви ги Велигденските празници, Ви посакувам мир, благосостојба и хармонија во Вашите души и вечен благослов за здравје, радост и спокоен живот на Вашите семејства.

Нека Ви е за многу години празнувањето.

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!