Општина Струмица е домаќин на државното првенство во фудбал за средни училишта во машка конкуренција. Полуфиналните натпревари во кои учествуваат четири екипи од Струмица, Скопје, Штип и Кавадарци и финалниот натпревар се одржуваат на новото фудбалско игралиште со вештачка трева. Државното првенство го отвори претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.
Чест ми е што можам да ве поздравам од мое лично име, од името на Советот на општина Струмица и секако од името на градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев, но и да ви ги пренесам поздравите од сите струмичани кои имаат почит кон младите, а истовремено го сакаат фудбалот и спортот, воопшто. Македонската спортска историја вели дека Струмица отсекогаш била и останува спортски град со бројни поединечни и екипни шампиони во разни спортови, а струмичкиот фудбалси расадник дал голем број интернационалци со кои се гордееле и се гордеат повеќе генарации љубители на фудбалот од нашава земја. Имињата на Горан Пандев, Благој Истатов, Васил Рингов, Благој Горгиев, браќата Попови, Стојков, Балдовалиев и уште многу други, доволно зборуваат за фудбалското минато и сегашност на овој наш град. Од друга страна, Струмица положила бројни испити и како организатор и домаќин на големи спортски натпреварувања во разни спортови, меѓу кои и на неколку европски првенства, а што се однесува до училишниот спорт, нашиов град бил домаќин и на три училишни спортски олимпијади. Поради сево ова, не се сомневам дека и ова државно фудбалско првенство за средношколци ќе остане запаметено по уште една успешна организација. Убеден сум дека сите учесници на првенството ќе го дадат својот максимум и во услови на фер-плеј ќе ги покажат сите убавини на фудбалската игра. За постигнување на тоа го имате на располагање најубавиот и најтоплиот ден во оваа година, но и прекрасното фудбалско игралиште со вештачка трева кое пред само неколку денови беше предадено во употреба, а е плод на доброто партнерство помеѓу Општина Струмица и Фудбалската федерација на Македонија, рече Христов.