Синоќа во центарот за култура „Антон Панов“, а во организација на средното општинско училиште „Јане Сандански“ се одржа свечена академија по повод двата големи јубилеја – 100 години од смртта на револуционерот чие име го носи и 70 години настава на македонски јазик. На академијата на која присуствуваа и претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов и членови на истиот, беше изведена богата програма, достојна на двата јубилеја.
Успехот не е навика или нешто што се случува случајно. Успехот е континуитет, посветеност, одговорност и обврска. Затоа, денес и овде, од мое лично име и името на целиот колектив, изјавувам јавна благодарност до сите директори на ова наше заедничко училиште, им благодарам за истрајноста во обликувањето на мозаикот наречен СОУ „Јане Сандански“. Заради сите дамнешни, сегашни, или со еден збор успеси во континуитет, колективот на СОУ „Јане Сандански“ востанови своја химна и знаме. Вечерва, први ја имавте можноста да ја слушнете химната на училиштето и да бидете сведоци во обидот да официјализираме знаме на училиштето, чија постапка се уште е во тек, рече меѓу другото, во своето обраќање Вања Изова Велева, директор на училиштето.На академијата беше промовирана монографијата по повод 70 години настава на македонски јазик, познати рецитатори – поранешни ученици во училиштето рецитираа поезија, родители и ученици одржаа заеднички музички настапи, а на сцената продефилираа и креации на наставници од училиштето.