Јавното претпријатие за енергетски дејности „Струмица гас“ интензивно работи на проширување на гасоводната мрежа. За неполн месец завршено е проширувањето за нови 700 метри кое почна од урбаниот блок 36, односно, од поранешната касарна.
Во текот на денешниот ден се вршеше испитување на гасоводната мрежа од страна на екипи од републичките инспекторати и машинскиот факултет во Скопје. Според директорот, Зоран Китанов, овој начин на испитување се врши по сите европски норми и мерки.Имено, оваа мрежа треба да работи на четири бара притисок, но кога се испитува, се испитува со 30 посто поголем притисок, што значи, сега се испитува на шест бара и така ќе стои еден час и после тој час, истата треба да биде пак шест бара што покажува дека нема никаква пропустливост. По ова се остава 24 часа на четири бара, што значи утре ова време ние повторно ќе ги провериме манометрите и доколку е се во ред, а се надевам дека ќе биде така, бидејќи, претходниот ден имавме пробно испитување и ни покажа дека е во перфектна состојба, после тоа си оди нормално за пуштање во употреба. Горд сум што ова го завршивме во кус временски период, останува уште да се санираат тротоарите и се е завршено. Во последните три дена веќе пет домаќинства дојдоа да склучат договори од овие локации овде, што значи луѓето ја гледаат предноста и ја сакаат гасификацијата и верувам дека ова ќе продолжи и понатаму. Од следната недела продолжуваме да работиме позади фабриката „Герас Цунев“ каде имаме поголем број заинтересирани. Инаку, денешниот начин на испитување е по сите европски норми и мерки, како се испитува во Германија, Англија, Холандија, така се испитува и овде и досега не сме имале никаков проблем, верувам, така ќе биде и денеска, и ние ќе продолжиме да си ги градиме мрежите според потребите на општината и средствата, бидејќи знаете дека се финансираме од буџетот на општина Струмица, рече Китанов.