Во сите општински основни училишта од денеска започна уписот на ученици во прво одделение за учебната 2015/2016 година. Запишувањето ќе се врши секој работен ден од 9 до 14 часот, до 29.05.2015 година. Потребни документи за упис се извод од матична книга на родените и потврда за примени задолжителни вакцини на детето.
Запишувањето во прво одделение е задолжително за сите деца кои ќе наполнат 6 години до крајот на календарската 2015 година. Детето може да се запише и доколку полни 6 години до 31.01.2016 година, по претходно барање на родителот и добиено позитивно мислење од педагогот и психологот во училиштето. На барање на родителите запишувањето на детето може и да се одложи, но единствено со потврда издадена од здравствена установа, која ќе утврди дека не е подготвено да оди на училиште. Родителот/старателот на детето е должен да го запише детето и е одговорен за неговото редовно посетување на наставата .Секое училиште е должно да ги опфати децата од својот реон, а деца од друг реон може да се запишат само доколку има слободни места за упис. Согласно, Законот за основно образование, а заради успешно спроведување на уписот на децата, во секое општинско основно училиште е формирана комисија составена од педагог, психолог и одделенски наставник.Подетални информации може да се добијат од педагошко – психолошката служба во училиштата.