Со повеќе свечености општина Струмица го одбележа 9-ти мај меѓународниот ден на победата над фашизмот и Денот на Европа. Пред споменикот на паднатите борци во НОАВМ во малиот градски парк денеска беше положено свежо цвеќе, а за значењето на овој ден зборуваше Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.
Деветтиот ден од мај не е само обичен ден од нашите календари. Деветтиот ден од мај не е ниту ден за празнување како сите останати. Деветтиот ден од мај е мост на кој се среќаваат два настана од европската историја кои се значајни секој за себе, но имаат заеднички платформи над кои се гради иднината на најстариот континент. Она што е повеќе од сигурно е секако фактот дека да не постоеше 9. мај 1945 година не ќе беше можен 9. мај 1950 година. Но симбиозата на овие два исклучително важни историски датума со временска дистанца од само пет години ја изразуваат смислата на постоењето на денешна Европа, како современо јаве на еден дамнешен сон. Токму затоа, веројатно и воопшто не е случајно што Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа се одбележуваат во ист ден. Тоа е ден кој впечатливо треба да биде врежан во меморијата на сите луѓе кои живеат на овој континент, кои имаат слободарско и прогресивна перцепција на животот. Минатото, сегашноста и иднината треба и мора да бидат во нераскинлива врска. Минатото, сегашноста и иднината мора да суштествуваат во хармонично едногласие . Робувањето на еден историски период на сметка на друг е само чекорење во еден правец. Затоа треба да ги почитуваме настаните и луѓето кои испишале значајни страници од нашата, европската и светската историја, но искуствата кои произлегуваат од тие страници треба да бидат појдовна точка во креирањето на нашето заедничко утре. Минатото свршено време не треба да биде време на заборавот, но времето идно секако треба да биде императив за сите сегашни и идни генерации, рече Христов.Во одбележувањето на овој празник се вклучија и рецитаторите од домот за деца и млади „Благој Мучето“ кои рецитираа револуционерна поезија.