Учениците и вработените во основното општинско училиште „Св.Кирил и Методиј“ во Дабиле денеска одбележаа двоен јубилеј – 150 години од отворањето на првото училиште на народен македонски јазик и 55 години од постоењето на сегашното училиште. На свечената програма која што се одржа во училишниот двор присуствуваа претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов и членови на истиот, претставници на одделението за образование при општина Струмица, родители, и други гости и пријатели на училиштето.
-Во текот на оваа учебна година напорите на сите вработени во училиштето беа насочени кон подобрување на наставата и подобрување на техничките услови во училиштето. Во тој контекст беа преземени повеќе активности, меѓу кои, набавка на современи нагледни средства, средства за реализација на интерактивна настава, санација на оградата на училишниот двор и изградба на училишни тоалети во рамките на училишната зграда. Исто така, голема е листата на ученици и наставници кои зедоа учество на литературни и ликовни конкурси, општински, регионални, државни и меѓународни смотри, рече во своето обраќање директорот на училиштето, Зоран Христов.