Во понеделник стартува запишувањето во трите средни општински училишта во Струмица во кои, во прва година ќе можат да се запишат вкупно 1248 ученици. Првото пријавување и запишување на учениците во јунскиот уписен рок ќе се врши на 22 и 23 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 24 јуни.
При пријавувањето учениците треба да поднесат пополнета пријава за запишување ( пријавите ги обезбедуваат училиштата и се бесплатни), оригинални свидетелства од шесто до деветто одделение и извод од матичната книга на родените (без оглед на датумот на издавање).Во СОУ ,,Димитар Влахов,, ќе можат да се запишат 374 ученици во 11 паралелки, од кои 170 ученици во 5 паралелки во земјоделско – ветеринарната струка, 102 ученика во 3 паралелки во хемиско – технолошката струка и исто толку во здравствената струка.Во прва година во СОУ ,,Никола Карев,, ќе можат да се запишат 500 ученици во 15 паралелки со настава на македонски јазик. Од нив 136 ученици во 4 паралелки ќе бидат запишани во машинската струка, 126 ученици во 4 паралелки во електротехничката струка , 68 ученици во сообраќајната струка, а по 34 ученици ќе бидат запишани во текстилно – кожарската струка, во паралелката за уметничко образование, во шумарско – дрвопреработувачката струка, во градежно – геодетската струка, како и во новата геолошко – рударска и металуршка струка.Во СОУ ,,Јане Сандански,, во прва година ќе бидат запишани вкупно 374 ученици во 11 паралелки, од кои 238 во гимназиското образование и 136 во економско – правната и трговска струка.