На светското одбојкарско првенство што се одржува во Белград (Србија), машката одбојкарска екипа на СОУ ,,Никола Карев‘‘ под менторство на наставниците Илија Јанков и Вера Божијанова Димитриевска, во првите две кола забележаа победа и пораз. Според информациите што од Белград ни ги испрати директорот на училиштето, Драган Јанков, младите одбојкари од СОУ ,,Никола Карев‘‘ извојувале победа над своите врсници од Австрија со 2:0 во сетови, а доживеале несреќен пораз од претставниците на Чешка од 1:2.
Денес, во рамките на третото коло од Светското првенство, струмичките одбојкарски надежи ќе споделат ,,мегдан‘‘ со средношколците од Кина. Инаку, на Светското одбојкарско првенство за средношколци, учествуваат 32 екипи од исто толу училишта од целиот свет, а одбојкарите на СОУ ,,Никола Карев‘‘ своето учество на истото го изборија освојувајќи го првото место (без изгубен сет) на Гимназијадата во Куманово. Општина Струмица и градоначалникот Зоран Заев, издвоија 200.000,оо денари од Буџетот за учество на одбојкарите на Светското првенство, со што уште еднаш ја потврдија поддршката за средношколскиот спорт и спортот воопшто.