Синоќа на плоштадот „Гоце Делчев“ беше поставена голема Ифтарска трпеза и поделена вечера за граѓаните од исламска вероисповест од општина Струмица, а во чест на рамазанските пости кои се во тек. Ифтарската вечера ја организираа здружението „Дост Ели Дернеги“ од Банско и општината Бајрам Паша од Република Турција, а од името на градоначалникот Зоран Заев, присутните на плоштадот ги поздрави, Јосиф Христов претседател на Советот на општина Струмица.
Искрено се надевам дека Рамазан, како еден од петте столбови на Исламот, ви поминува во знакот на добрината, милоста, љубовта и простувањето, со што целосно се исполнуваат четирите димензии на ова Ваше поклонение пред Бога, а тоа се духовната, моралната , солидарната и здравствената. Рамазанскиот пост заедно со Вашите молитви и чистотата на мислите и делувањето, нека бидат во духот на Вашата вера, за да го дочекате тридневниот Рамазански Бајрам со среќа и радост во Вашите срца. Ви посакувам овој празник да ви донесе мир, хармонија и благосостојба во Вашите души и во Вашите семејства. Се надевам дека и оваа Ифтарска вечера ќе покаже на дело, дека Струмица е извонреден пример, како треба да се почитуваат традиционалните духовни вредности и како преку тоа се негува заедништвото и разбирањето. Пренесувајќи ви ги уште еднаш искрените поздрави од нашиот градоначалник Зоран Заев, Ви посакувам убава Ифтарска вечера и радосно продолжување на Рамазанските денови, рече Христов.