По само три дена од кога Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ комплетното ја исчисти дивата депонија на улицата „Ѓорѓи Василев“, граѓаните повторно својот отпад го фрлаат на истата локација. Ова потврдува дека некои граѓани тешко ги менуваат своите навики и не ги почитуваат апелите на јавното претпријатие дека кога имаат отпад да пријават и истиот ќе биде подигнат од лице место.
На тој начин полесно ќе се ослободат од отпадот, а истовремено ќе го дадат и својот придонес во зачувувањето на животната средина.Од „Комуналец“ денеска веднаш го собраа фрлениот отпад и уште еднаш апелираа до граѓаните да не создаваат диви депонии, туку да го користат бесплатниот телефонски број на општинскиот сервис „Систем 48“ 0800 148 48, но и телефонскиот број на „Комуналец“ 034 325 909 да пријават кога имаат насобран отпад во своите домаќинства и истиот со возила на претпријатието навремено ќе биде подигнат.Инаку, во овој период покрај планираните, комуналните инспектори вршат и зачестени контроли за поголема јавна чистота во градот. Од одделението за инспекциски работи при општина Струмица информираа дека инспекторите на лице место, а согласно Законот за јавна чистота можат да изрекуваат мандатни казни. Глобата изнесува 50 евра или на сторителот на прекршокот му се нуди општокорисна работа.