„Овој миг го заслужувате бидејќи вие сте гордоста на Струмица и Македонија, вие сте иднината на Струмица и Македонија, вие сте тие во кои се надеваме и во кои веруваме“ вака градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, им го честиташе првиот училишен ден на првачињата. Тој и денеска како и во минатите години беше со нив на свечената програма која во нивна чест се одржа пред домот на АРМ во Струмица. Првачињата срдечно го пречекаа и се радуваа на неговото присуство, заедно се фотографираа и ја споделуваа среќата за првиот училишен ден и почетокот на новата учебна година.
Драги момчиња и девојчиња, драги наши првачиња
Денес е први септември 2015 година. Овој датум ќе остане вечно врежан во вашите сеќавања, ќе биде забележан во вашите споменари и со радост ќе го споменувате како ден во кој сте свртеле многу значајна страница во вашиот живот. Во овој убав ден убаво е чувството да се биде меѓу вас, да се види живоста во вашите очи, да се почувствува вашата возбуда и да се доживее овој свечен миг кој ви е посветен само вам. Овој миг го заслужувате бидејќи вие сте гордоста на Струмица и Македонија, вие сте иднината на Струмица и Македонија, вие сте тие во кои се надеваме и во кои веруваме.Сите ние возрасните, вашите родители, роднини, наставници и сограѓани сме убедени дека ќе ја оправдате таа наша доверба. Радувајте му се на денешниов ден бидејќи ова е ваш ден. Ова е ден во знакот на многу први нешта. Како што е прв денот септемвриски, така е прво училишното ѕвонче што денес се огласува за вас, прво е вашето седнување во училишните клупи, прв е и зборот што го слушнавте од вашите наставнички, и конечно, прво е одделението со кое започнува вашето повеќегодишно образование.Ве очекуваат уште многу први нешта, како што се првата научена буква, првиот број, првиот напишан збор, првата песничка, првата домашна задача и се така по ред. На тој начин, чекор по чекор ќе навлегувате во тајните на македонскиот јазик, математиката, природните науки, општеството, како и во ликовното, музичкото и физичкото и здравствено образование. Од ден во ден ќе бидете се побогати со знаења, а тие знаења ќе ви отворат многу врати во вашиот понатамошен живот.Вам ви останува да бидете послушни и мирни, внимателни на часовите и одговорни во извршувањето на училишните задачи. Само така ќе успеете да станете добри ученици. Само на тој начин ќе си го трасирате патот кој ќе ве однесе до целта. Само така ќе бидете гордост на вашите родители, но и гордост на сите нас. Не плашете се дека во тоа нема да успеете. Учењето не е тешко. Напротив, тоа знае да биде многу интересно, привлечно и убаво.Згора на тоа, за вас и за вашиот напредок во образованието ќе се грижат вашите наставници кои ќе дадат се од себе да ви го пренесат сето можно знаење неопходно за вашата возраст. Тие од денес ќе бидат ваши втори родители. Затоа, почитувајте ги и слушете го внимателно секој нивен збор. Треба исто така да знаете дека во училиштето ќе научите и многу повеќе од тоа што е напишано во учебниците. Ќе научите првенствено како се стекнува и негува другарството, како меѓусебно треба да ги почитувате и да им помагате на новите другарчиња од одделението. Таквото вистинско другарство знае да трае и цел живот.Сега и во иднина, вашиот ученички живот нека ви го красат само убави нешта, нешта што ќе ве направат исполнети и среќни.Од мое лично име и од името на општина Струмица, ви го честитам првиот училишен ден и ви посакувам многу успеси во учењето. Бидете добри деца и добри ученици.