Струмица ќе биде домаќин на 36-то меѓународно рели и рели крос со теренски возила и автомобили, кое што ќе се одржи на 03.10.2015 (сабота) со почеток во 13 часот. На денешната прес конференција која што се одржа во хотелот „Тивериопол“, претседателот на организациониот одбор Димитрије Пеливанов и советникот за спорт во општина Струмица, Ристо Секулов, информираа дека се е подготвено за старт на релито кое што ќе се одржи на патеката во реката Тркања на влезот во Струмица од кај Валандово.
Досега се пријавиле повеќе учесници од минатата година, вкупно 35 возила од Албанија, Србија, Грција и Македонија. По успешно завршените подготовки, од организациониот одбор очекуваат голем број посетители на овој несекојдневен настан. Сите натпреварувачи, механичари, спортски функционери, службени лица и публиката ќе бидат осигурани од страна на организаторот.Градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица се генерален покровител на 36-то меѓународно рели со теренски возила и автомобили.