Одборот за подигање на спомен – обележја при Советот на општина Струмица, распишува јавен конкурс за изработка на идеен проект за подигање на спомен – обележје на загинатите пилоти од хеликоптерската единица на МВР. Одлуката за распишување на конкурсот е донесена на седницата на Советот на општина Струмица која што се одржа на 20.10.2015 година, а врз основа на членовите 10 и 11 од Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата.На денешната прес конференција, претседателот на Одборот за подигање на спомен – обележја при Советот на општина Струмица, Петар Божинов, упати јавен повик до сите креативни правни и физички лица да понудат свои идејни решенија.
Интегрален текст од прес конференцијата:
Одборот за подигање на спомен обележја при Советот на општина Струмица, почитувајќи го мислењето на јавноста, согласно законската регулатива, на седницата одржана на 20 – ти овој месец, повторно распиша јавен конкурс за изработка на идеен проект за подигање спомен обележје во чест на загинатите пилоти од хеликоптерската единица на МВР.Овој јавен конкурс е објавен во дневниот печат, но сакаме и преку вашите медиуми, јавно да ги повикаме сите креативни правни и физички лица од нашава земја да земат учество во истиот. Конкурсот кој трае 30 денови од денот на објавувањето е анонимен, што значи дека своите идејни решенија, авторите треба да ги пријавуваат под шифра. За најдобрите три идејни решенија кои ќе ги избере Одборот за подигање на спомен обележја при Советот на општина Струмица и стручни лица од релевантни институции, предвидени се прва, втора и трета награда во висина од 20.000, 12.000 и 8.000 денари .Резултатите од конкурсот, Одборот ќе ги соопшти во рок од 8 дена од денот на изборот, а наградите ќе бидат исплатени во рок од 30 дена од нивното објавување.По исплатата на наградите, инвеститорот се стекнува со право наградените трудови да ги користи целосно или делумно и повеќекратно.Сите дополнителни информации можат да се добијат од објавениот јавен конкурс или во Општина Струмица.