Учениците од машинската струка, образовен профил автомеханичар од средното општинско училиште „Никола Карев“ од Струмица, се вратија од Атина со нови искуства. Тие таму престојуваа 15 дена како дел од проектот Еразмус и имаа можност да се запознаат со тамошната како практична, така и теоретска настава. Посетија средно техничко училиште, музеј на автомобили, автомеханичарски сервиси и работилници, музеј на воени бродови, сервиси за автоделови, а во слободното време посетија голем број културни знаменитости. Во Атина присуствуваа вкупно 10 ученици, под менторство на професорот од машинската струка, Зоран Петков.