На плоштадот „Гоце Делчев“, денеска точно напладне, беше одбележан меѓународниот ден на лицата со даунов синдром. Насобраните дечиња уживаа во пригодната забава која што по овој повод ја организираа здружението за помош и поддршка на лица со даунов синдром „Вера“ од Струмица и граѓанската иницијатива „Мрдни со прст“, а со поддршка на општина Струмица.
Меѓу учесниците на денешниот хепенинг беа вршителот на должност градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов, претседателот на Советот, Јосиф Христов и членови на истиот.Ми претставува задоволство што во името на општина Струмица сум присутен на овој убав настан во организација на Здружението за помош и поддршка на лица со даунов синдром „Вера“ од Струмица, потпомогната од Граѓанската иницијатива „Мрдни со прст“ од Скопје. Денеска сум овде да ја пренесам мојата и поддршката на општина Струмица, по повод 21 март кој не е само ден на пролетта, туку е и меѓународен ден на лицата со даунов синдром, кој веќе 12 години по ред се одбележува во целиот свет. Она што посебно ме радува што денеска на овој хепенинг ќе бидат доделени и фотографиите од проектот „Будење“ на семејствата чии деца беа опфатени во овој проект, проект кој беше претставен во Струмица и Скопје, инаку станува збор за проект кој што е целосно реализиран со поддршка на општина Струмица и доскорешниот градоначалник Зоран Заев. Сакам да кажам дека поддршката кон Здружението „Вера“ и кон сите останати здруженија кои постојат и функционираат во општина Струмица, ќе продолжи и во иднина бидејќи тие тоа го заслужуваат, затоа што се дел од нас. За крај би сакал само да кажам дека различностите меѓу луѓето, какви и да се, треба да не обединуваат, а не да не разделуваат, рече Костадинов.
Благодарност до општина Струмица за поддршката упати Анче Туфекчиева од здружението за помош и поддршка на лицата со даунов синдром „Вера“ од Струмица.Денеска ги славиме различностите, разбудете се, мрднете со прст, прифатете не такви какви што сме, затоа што заслужуваме еднакви права во ова општество, рече Туфекчиева.