Вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов, денеска, уште еднаш ја потврди транспарентноста и отчетноста на општината, информирајќи ја јавноста за финансиската поддршка на здруженијата на граѓани и фондации од општинскиот буџет за 2017 година. Сакам да ја информирам целокупната струмичка јавност, дека општина Струмица согласно својата Програма за работа и Буџетот за 2017 година, останува верна на своите заложби за финансиска поддршка на здруженијата на граѓани и фондациите, како што тоа го правеше и во изминатите години.
Нештата кои во минатото беа со позитивен бенефит за граѓаните од општина Струмица, заслужуваат и мора да имаат континуитет. Со таквиот однос кон здруженијата општина Струмица се издвојува како единствена во државата која, меѓу другото, и на ваков начин го интензивира прогресот на заедницата. По јавните повици за финансиска поддршка на здруженија и фондации од општина Струмица, објавени на 2. март, деновиве Комисијата при Секторот за локален економски развој при општина Струмица, во која партиципира и претставник од здруженијата на граѓани, водејќи се од објавените критериуми, изврши оценување на пристигнатите проекти. Притоа, покрај квалитетот на проектите, клучен предуслов за истите беше придржувањето кон Стратегиите и Акциските планови кои ги има донесено општина Струмица. Според одлуката на комисијата, од Програмата V2 – Социјална заштита, одобрени се финансиски средства за четири здруженија, во вкупна вредност од 493.382,оо денари, а во програмата G1 (Локален економски развој, Култура, Развој на образованието, Млади, и Соработка со граѓански сектор) финансиска поддршка од буџетот на општина Струмица ќе добијат 21 здружение или фондации, во вкупна вредност од 2.798.254.оо денари. Според тоа, во двете споменати програми, финансиска поддршка од општинскиот буџет за 2017 година, ќе добијат 25 здруженија и фондации, во вкупна вредност од 3.291.636,оо денари. Не се сомневам дека со реализацијата на проектите, здруженијата и фондациите ќе направат уште еден значаен исчекор во растежот на нашата општина, кој е од големо значење за сите граѓани на општина Струмица. Ако на државно ниво, се води вистинска хајка кон разнебитување на граѓанскиот сектор, општина Струмица со финансиската и морална поддршка која што ја дава на здруженијата на граѓани и фондациите, на тој план, останува единствена светла точка во нашата Република Македонија. Таквиот позитивен тренд ќе продолжи и понатаму, рече Костадинов на денешната прес конференција.