Денеска во домот на АРМ во Струмица градоначалникот Зоран Заев одржа средба со претставниците на здруженијата на лицата со посебни потреби. Ова е традиционална средба која секоја година се одржува пред донесувањето на буџетот на Општината,
а целта е најотворено и најискрено да се разговара за проблемите и потребите на оваа ранлива категорија луѓе и тоа што е во надлежност на локалната самоуправа да се вгради во буџетот за 2016 година. Бидејќи градоначалникот Заев и општина Струмица континуирано во изминатите десет години ги решаваат проблемите со кои се соочуваат овие здруженија, останаа многу малку за решавање, односно, проблеми кои се во надлежност на државните институции и кои се предизвикани од недоследностите во законската регулатива. Претставниците на здруженијата му се заблагодарија на градоначалникот Заев за несебичната и континуирана поддршка, а тој им понуди неколку идеи со чија реализација Општината и во 2016 година ќе го потврди својот одговорен и партнески однос кон нив.Навистина донесовме убави заклучоци, општина Струмица ќе биде обновена за еден важен сегмент од секојдневното живеење на граѓаните со посебни потреби. Ќе се обезбедат канцеларии за нив, тоа е поранешната просторија за венчавање под градскиот плоштад каде што ќе има дневен центар, односно конференциска сала до која ќе можат да имаат пристап сите членови на здруженијата, ќе има и неколку канцеларии. Социјалната програма ќе биде заедно со нив дефинирана во делот на распределбата на средствата за нивните потреби во делот и на креирањето на проектите и во нивната одржливост, ќе бидат помогнати голем дел од лицата за патните трошоци кои престојуваат во центарот за лицата со посебни потреби, ќе се воведе толковниот јазик на глувите и наглуви лица за да можат да бидат информирани за седниците на Советот и ќе се отстранат уште пречки за нивна целосна инклузивност во општеството, а во рамките на општина Струмица. Имаше навистина прекрасни предлози и се надевам дека ќе бидат усвоени од сите советници на буџетската седница која што планираме да се одржи на 29 декември како би можело уште од јануари 2016 година да почне да се реализираат овие прекрасни предлози кои што беа дадени од сите здруженија кои што учествуваа на денешната средба, рече градоначалникот Заев.