Во присуство на гости од црковниот, политичкиот и општествениот живот, претставници од дипломатскиот кор во Република Македонија и други гости од земјата и странство, денес во големата сала на НУЦК „Антон Панов“ се одржа свечена седница на Советот на општина Струмица, по повод Денот на заштитниците на градот – Св. Петаесет Тивериополски Свештеномаченици. Реч за значењето на празникот одржа градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев, а беа доделени и традиционалните годишни награди на Општина Струмица,
како и наградата за животно дело. Добитници на годишната награда станаа: музичкиот педагог Ана Тимова Цунева, поетесата Вања Изова Велева, младиот пејач Трајче Ѓеоргиев, фолклорните активисти Неби Еминов и Александра Тодорова, ДТУ „Атлантис“ и одбојкарот Никола Ѓоргиев. Добитник на наградата за животно дело стана ликовниот уметник Бранко Кончалиев, а на членката на Американскиот мировен корпус Грејс Мукупа и беше доделена благодарница за соработка. Во својот говор за значењето на празникот, градоначалникот Заев, меѓу другото истакна: „Во струмичкиот генетски код кој си го носиме со себе како Божји дар и судбинско писмо, како да е врежан дамнешниот ни култ, што во наследство и аманет сме го добиле од наште прадедовци и дедовци. Тоа е култот задомен во културата на нашето живеење, духовен печат на нашето вчера, денес и утре, крстообразен нишан на челата свртени кон нашето „векутума века“. Завештанието како документ потпишан и заверен од Бога, го примивме од нашите предци за да им го предадеме на штотуку родените и сеуште неродените струмичани. Тоа примопредавање од рака во рака, од срце на срце, од колено на колено, траело и ќе трае, се дури трае родот човечки и љубовта богочовечка, се дури Струмица и струмичани суштествуваат како урнек за нераскинливаa симбиоза. Токму затоа денот денешен е ден за празнување и ден за чествување. Во овој празник на срцата и душите струмички и на сите наши сетила, се е возвишено и невообичаено убаво. Овој ден е сосема различен од сите останати 364 денови во годината, затоа што во него секој наш чекор е посмел и посигурен, секое наше здраво-живо поинаку звучи, сите мириси на градот се спојуваат во мирисот на празнувањето и секое биење на црковните камбани го одредува ритамот на нашето срцебиење. Денес се е во знакот на почитта кон Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици и нивното свето дело, а секоја наша душевна дразба е артикулација на неизмерната благодарност која ја имаме кон заштитниците на нашиот град, за христијанскиот дар со кој не даруваа. Ете затоа, колку и да е студен декември, нам ни е топло на срцата кога го дочекуваме единаесеттиот негов ден. Благочестивите петнаесет апостоли и денес го заслужуваат нашето поклонение , оти тие се најзаслужните за нашата Богољубност и за сите духовни вредности со кои бдееме и се гордееме“.