Во струмичкиот генетски код кој си го носиме со себе како Божји дар и судбинско писмо, како да е врежан дамнешниот ни култ, што во наследство и аманет сме го добиле од наште прадедовци и дедовци. Тоа е култот задомен во културата на нашето живеење, духовен печат на нашето вчера, денес и утре,крстообразен нишан на челата свртени кон нашето „векутума века“.
Завештанието како документ потпишан и заверен од Бога, го примивме од нашите предци за да им го предадеме на штотуку родените и сеуште неродените струмичани. Тоа примопредавање од рака во рака, од срце на срце, од колено на колено, траело и ќе трае, се дури трае родот човечки и љубовта богочовечка, се дури Струмица и струмичани суштествуваат како урнек за нераскинливаa симбиоза. Токму затоа денот денешен е ден за празнување и ден за чествување. Во овој празник на срцата и душите струмички и на сите наши сетила, се е возвишено и невообичаено убаво. Овој ден е сосема различен од сите останати 364 денови во годината, затоа што во него секој наш чекор е посмел и посигурен, секое наше здраво-живо поинаку звучи, сите мириси на градот се спојуваат во мирисот на празнувањето и секое биење на црковните камбани го одредува ритамот на нашето срцебиење. Денес се е во знакот на почитта кон Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици и нивното свето дело, а секоја наша душевна дразба е артикулација на неизмерната благодарност која ја имаме кон заштитниците на нашиот град, за христијанскиот дар со кој не даруваа. Ете затоа, колку и да е студен декември, нам ни е топло на срцата кога го дочекуваме единаесеттиот негов ден. Благочестивите петнаесет апостоли и денес го заслужуваат нашето поклонение , оти тие се најзаслужните за нашата Богољубност и за сите духовни вредности со кои бдееме и се гордееме. Причина за таа наша гордост е историскиот запис кој не потсетува дека нашиот град уште во четвртиот век станал центар на христијанството. Сведоштвото вели: „Тивериопол достигнал да стане како некоја кула, од секаде видлива, која раздавала светлина на верата и на другите градови на запад, и ги враќала од мракот на заблудата, оние што се наоѓале во длабокото море на неверието“. Не е случајно што свештеномачениците токму на оваа грутка земја нашле малку слобода и словото на нашите души обработиле за Христа богата нива со изобилно класје. Писанието понатаму ќе рече : „Идолската лага и злочестието го разобличија, и Христа го проповедаа, победниците над смртта најсвештени“. Богатата струмичката христијанска вегетација како препознатлив белег на нашето духовно живеење, може да се огледа и во храмот кој струмичани оддамна го подигнале во чест на петнаесетте Божји апостоли. Прагот на тој храм секогаш со задоволство го пречекоруваме, не само на денешниот свет ден, туку и тогаш кога нашата душа има потреба да се претвори во духовен вентил, тогаш кога таа душа има потреба за молитва, исповед, покајание или потрага по спасение. Тоа свето место, и за арно и за лошо, катадневно ни го нуди своето гостопримство на спокојот. Така било и останало. На тоа не потсетува канонот на мачениците во кој се вели : „Кладенец на чудеса и извор на безбројни исцеленија, река на благодат и очистување на душата, храмот е на Светите петнаесет. Дојдете верни, во него да се просветите..“ Чувството дека на овие наши простори ранохристијанските апостоли го ширеле словото Господово и чекореле неустрашиво по патиштата на историјата и по оваа наша струмичка земја, не прави одважни и среќни.Таа среќа секогаш треба да биде поткрепена со повторување на четивото за една света мисија која претставува цврст темел на нашата христијанска вера. Од четивото ќе откриеме дека во времето на римскиот император Јулијан Отпадникот, бил издаден акт за голем прогон на христијаните од империјата. Јулијан како син на Констанциј Втори и брат на Константин Велики, по стапувањето на кралскиот престол, ги вратил старите пагански верувања и го отфрлил христијанството, издавајќи наредба за одмазда кон оние кои нема да се вратат кон старите обичаи. Во градот Никеја во Мала Азија била прочитана наредбата на императорот, а тоа резултирало со бегство од градот на Божјите служители Тимотеј, Комасиј, Евсевиј и Теодор, кои најпрвин се населиле во Солун. Тие сакале токму во Солун да го шират христијанството и Словото Божјо, но солунчаните им рекле дека во нивниот град не се созреани условите за такво нешто, па ги советувале да отпатуваат за Тивериопол, денешна Струмица, каде што веќе постоела плодна почва за нивното христијанско семе. Тоа тие и го сториле. По доаѓањето во овој град, Тимотеј станал епископ на Тивериополската црква, Комасиј се замонашил, а истото го сторил и Евсевиј. Теодор пак, бил исто така епископ и учесник на Првиот вселенси собор во Никеја, одржан во 325 година. Со нивната христијанска проповед, тие веднаш биле прифатени од месното население, а кон нивната мисија се приклучиле и Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор, Василиј, Тома, Еротеј, Данаил, Харитон и Сократ. Откако во Солун се чуло за нивното свето дело, од страна на службениците на императорот Јулијан Отпадникот, било наредено да бидат најдени и погубени. Така и се случило. На денешен ден во 362 година, Светите 15 Тивериополски Свештеномаченици биле ѕверски убиени, а нивните тела расфрлани на разни страни, но жителите на градот ги зеле телата и ги погребале во посебни гробови на кои биле испишани имињата на секој од нив. Телата на светителите биле погребани во доцноантичка некропола, надвор од градот. Подоцна, како резултат на волјата Господова, моштите на мачениците станале извор на повеќе чуда. Нивната исцелителна моќ била толку голема што болни оздравувале, слепи прогледувале и неподвижни проодувале. Едно од тие чуда е и отсечената десна рака на тивериополскиот свештеномаченик Петар, која сеуште се чува во еден црковен храм во егејскиот дел на Македонија.Денот на погибието на мачениците – 28. ноември, по стариот, или 11. декември по новиот календар, е денот што се слави како патрон на нашиот град, како ден на заштитниците на Струмица. Ете токму од тие настани и од времето на дејствување на Светите 15 тивериополски свештеномаченици датира всаденото богољубие во срцата на струмичани и зародишот на христијанството во овој наш град. Ете затоа денес, како и на секој друг 11. декември, горат кандилата во домовите на сите благочестиви струмички семејства. Во тие кандила се задомила и светлината и топлината на нашата христијанска вера.Но, нели е време токму од кандилото да земеме пример за нашето живеење и дејствување. Нашите предци биле премудри луѓе, па за да не трошат премногу масло кое ќе го поддржува горењето на фитилот во кандилото, се сетиле дека во него можат да стават повеќе вода, а помалку масло и пак кандилото да гори онака како што посакуваат. Две течности кои што се разликуваат по многу нешта, знаат беспрекорно да функционираат. Така треба да функционираме и ние, без оглед на тоа што можеби се разликуваме по етничка, верска, социјална, културна, образовна, старосна, партиска или било каква друга основа. Ако можеле водата и зејтинот во кандилото, можеме и ние во нашата средина, во нашата заедница или во нашето општество.Та нели сме ние нешто повеќе од споменатите две течности? Ние дури може и да се мешаме та да бидеме едно, да бидеме луѓе. И зарем е важно што час ќе сме горе, а час долу во нашето „животно кандило“. Важно е да останеме свои, да останеме достоинствени и да бидеме секогаш верни на духовните и моралните вредности. А тие вредности доаѓаат од автономијата на човековата слобода, слобода која ни овозможува да размислуваме, да расудуваме, да планираме, креираме и создаваме, да воспитуваме деца на праведност и чесност, да подучуваме и да одлучуваме по свој терк и со своја глава. Само така ќе бидеме доблесни да признаеме дека белото е бело, а црното црно. Само така ќе знаеме дека белото не може да биде црно, ниту црното – бело. Мораме да останеме тоа што сме. Мораме да бидеме такви, какви што не создал Господ. Нам не ни прилега да бидеме ни јагниња ни волци, а уште помалку да бидеме волци во јагнешка кожа или јагниња во волчја кожа. Секогаш кога се соочуваме со грешниот предизвик да се преобразиме, Словото Божјо треба да биде нашето прибежиште за да се избавиме од грешноста и да го пронајдеме вистинскиот пат кон нашето спасение. Ако сме веќе Божји чеда, нели е логично чедата да го почитуваат и послушаат својот татко. Зошто во името на Христа правиме нешта кои се спротивни на неговите учења и заповеди ? Зошто многумина името Господово го користат како алиби, како фасада зад која со зли мисли и намери креираат злодела против ближниот свој? Зошто многумина лажно се колнат во Бога, а и служат на сатаната, та дури и самите се прогласуваат за некакви богови ? Време е да престанеме да ја испишување трагедијата на нашето време, во кое жртви ќе бидеме и ние и нашите поколенија. Време е за деконтаминација на мислите, душите и срцата и рестартирање на нашите животни агенди во кои повторно ќе пронајдеме место за ново завештание пред Бога и примање на благословот, милоста и промислата , како непроценливи Божји дарови.За да го сториме тоа мора да престанеме да и слугуваме на суетата, мора зборот „ние“ да го ставиме пред зборот „јас“, мора да ги повикаме на помош свеста и совеста,за да ни бидат сопатници во животот. На раскрсницата од нашите предизвици и искушенија, ќе биде повеќе од неопходно да го избереме, можеби подолгиот, потрнливиот и понерамниот пат, но секако вистинскиот пат кој води кон нашата заедничка среќа. Како што правилата во сообраќајот налагаат ограничување на брзината на движењето на возилата, така и ние треба да ја ограничиме брзината со која се движиме низ животот, за да можеме попат да подразмислиме, кај сме тргнале и зошто толку итаме кон крајот. Белким ќе знаеме дека „каменот на сопнување“ кој ни го попречува патот, е бариера која ние самите сме ја поставиле. Белким ќе знаеме дека може секому да му се случи да се сопне од каменот. Ако по втор пат се сопне од истиот камен, треба да се загрижи и замисли, но ако тоа му се случи повеќе пати, тогаш мора да сфати дека не е до каменот, туку е до него. Во тој случај, или треба да го заобиколиме каменот или да го тргнеме настрана од нашиот пат. Тоа е патот на соработката, разбирањето, солидарноста и хуманоста. Тоа е патот кој не води до терезијата со кои се мерат нештата во животот. На едната страна од терезијата се наоѓаат омразата, злото, нечовечноста и лагата, а на другата – љубовта, добрината, човечноста и вистината. И нашиот севишен Господ, и Светите петнаесет тивериополски Свештеномаченици но и сите ние, добро знаеме кои нешта повеќе тежат и кои нешта на крајот триумфираат во животот. Во тој поглед, неприкосновена е вистинољубивоста за која секој човек е жеден и гладен. Но секој човек треба да знае дека лагата е снегот, а вистината е сонцето на нашето живеење. Снегот може немилосрдно да паѓа и да се напластува колку што сака, но кога – тогаш, на сцената излегува сонцето и го топи до последна снегулка. Тоа сонце на вистната,треба да не крепи. Таа вистина ни треба како квасец со кој ќе ни порасне вербата во вистинските вредности, вербата во животот и во самите нас. Нам ни останува само да бидеме добри луѓе и достојни на зборот „човек„ , на оној збор кој сами го девалвиравме во ова време – невреме. Да не им се потчинуваме на стереотипите и предрасудите. Да го почитуваме минатото, но не да му робуваме. Да мечтаеме за иднината, но да не ги оставиме мечтите непоткрепени. Да ја живееме сегашноста сонувајќи со отворени очи и ползувајќи го јавето во кое ќе бидеме неимари на безвременски мостови со цврста арматура, мостови кои ќе ги поврзуваат луѓето, за да се почитуваат и сакаат повеќе. Да бидеме големи и да го ползуваме скриеното богатство на нашите души и срца. Големината на човекот се мери со љубовта и добрината кои ги носи во себе и несебично ги споделува со останатите. Едно „добарден“ , една насмевка, еден убав збор и една подадена рака вредат повеќе од сите богатства на овој свет. Да сме и верни на верата и да ја негуваме и надградуваме љубовта кон светителите и кон Христа. Ако Господ е се она што го имаме, тогаш го имаме се она што ни треба. Заедно со него да побараме трошка светлина во мракот што не опкружува. И наместо да го проколнуваме мракот, подобро ќе биде да запалиме свеќа. Да запалиме свеќа за сите кои не има и за сите кои ги нема. Да запалиме свеќа на љубовта за нашата Македонија и уште една таква за милата ни Струмица и нејзините заштитници.Да си ја сакаме Струмица, како што се сакаат ближните и најмилите. Да си ја сакаме не само со збор или со ставен „лајк“ под нејзина слика, туку со оставање сопствени белези на нашето постоење во нејзиното севкупно постоење. Ја затекнавме Струмица убава, сторивме се да ни биде уште поубава. На нејзините вековни и постоечки вредности, надградивме вредности со нов сјај како рефлексија на новото и современо време. Ги видовме струмичани горди на својот роден град, за да ги гледаме денес уште погорди со него. И тука не смее да се подзапре, затоа што мојата, твојата, нашата Струмица, заслужува прогрес по нејзина мерка.Драги пријатели, утре-задутре позади оваа говорница можеби ќе зборува некој друг, но се надевам дека ќе зборува за истите вредности кон кои се стремиме и за истата љубов кон градот и кон Светите 15 тивериополски свештеномаченици. Со надеж дека во мометов празникот го слават и сите струмичани кои се распослаа по белосветските меридијани, останува само да си го посакаме денот кога сите ќе бидеме на број. Во нивно и наше име, нека ни е честит големиот ден и нека ни е среќна, благословена и вековита нашата Струмица.