Во текот на месец ноември во општинскиот сервис „Систем 48“ биле примени вкупно 178 пријави за проблеми на граѓаните од повеќе области. Од нив надлежните општински служби решиле 150, а останатите 28 пријави се во процес на решавање, бидејќи за истите е потребно повеќе време од вообичаеното 48 часа.
Најголем број од пријавите доставени до „Систем 48“ се од областа на уличното осветлување 117, од областа на собирање смет 16, водовод и канализација 7, а останатите се од други области.
Од „Систем 48“ апелираат до граѓаните на општина Струмица за навремено пријавување на проблемите на бесплатниот телефонски број 080014848, за да може во определениот рок да се интервенира по доставените пријави, а истовремено им се заблагодаруваат за користењето на услугите на овој општински сервис.