Учениците од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ од населеното место Дабиле, часовите по физичко и здравствено воспитување ќе ги изведуваат во нова спортска сала. Салата е направена со преадаптација на постоечка просторија во училиштето за која од буџетот на општина Струмица беа издвоени 400.000 денари. Учениците и вработените во училиштето, денеска, својата радост за новата спортска сала ја споделија со претседателот на Советот на општина Струмица,
Јосиф Христов, членови на истиот, претставници на локалната самоуправа, членови на училишниот одбор и на советот на родители и со поголем број гости. Во своето обраќање, директорот на училиштето Зоран Христовски, им се заблагодари на градоначалникот Зоран Заев и на Советот на општина Струмица за поддршката преку која уште еднаш ја потврдија својата грижа за учениците во ова училиште.Задоволство ми е што денеска сме тука да го одбележиме отварањето на спортската сала во нашето училиште. Изградбата на оваа сала има за цел подобрување на техничките услови за работа во училиштето и за реализација на наставата по физичко и здравствено образование. За нејзината изградба инвестирани се 400 000 денари, средства обезбедени од буџетот на општина Струмица. Покрај салата во која ќе се изведуваат часови по спортска гимнастика, мини баскет и пинг-понг во нејзиниот состав има и две соблекувални. Салата е опремена со спортски реквизити набавени од сопствени средства на училиштето, а дел од нив беа изработени од страна на учениците од средното општинско училиште „Никола Карев. Од името на сите вработени и ученици на училиштето, ја изразуваме нашата голема благодарност до градоначалникот на општина Струмица, господинот Зоран Заев, до Советот на општина Струмица и до директорот на средното општинско училиште „Никола Карев” Драган Јанков, рече Христовски.